Ако судиме според идеите, кои деновиве секојдневно пристигаат околу промените на Изборниот законик, тогаш работата на работната група која ќе треба да ги сработи, најавена од министерот за правда Никола Тупанчевски, станува невозможна мисија. Очигледно е дека мнозинството пратеници од македонскиот политички блок се за една изборна единица, додека ова е неприфатливо за партиите од албанскиот табор каде што дури се бара и зголемување на постојните 6 на 8 изборни единици.

Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, вели дека предлог-законот за една изборна единица е поддржан од 94 пратеници.

„Како што стојат работите сега 94 пратеници се „ЗА“, Македонија да биде една изборна единица. И од СДСМ декларативно се изјаснија дека се „ЗА“ и ВМРО-ДПМНЕ излезе со став дека ќе гласаат „ЗА“ овој закон и нема да го бојкотира. Имаме и начелен договор со ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го бојкотираат овој закон, вели Трајанов.

Алијанса за Албанците, пак, со предлог за осум изборни единици, кој како што наведуваат е научно заснован во согласност со потребата земјава да се подели на осум изборни (развојни) единици.

„Вака велат експертите. Потоа, со осум изборни единици се елиминира потребата од законска интервенција пред секој изборен циклус со преместување на избирачки места од една единица во друга. И со овие интервенции законот двапати е прекршен, бидејќи разликата меѓу единиците била поголема од дозволениот праг. Значи, со нашиот предлог сите досегашни проблеми се отстранети“, изјави вчера пратеникот на АА, Халил Снопче.

Пратеникот на ДС, Трајанов смета дека доколку се прифати предлогот на АА за изборен модел со осум единици, ќе се зајакнат позициите на ДУИ, иако од АА велат дека не правеле пресметки кој би имал корист од предлогот.

И од Левица сметаат дека најголем противник за воведување една изборна единица е ДУИ, но сличен став имаат и дел од другите албански партии.

„Отворен противник за воведување една изборна единица е ДУИ и дел од останатите албански партии. Ќе видиме колку ќе стојат на европските начела за кои декларативно се залагаат овие партии, ако веќе се засноваат на демократски принципи и човекови права, истите не би го спречувале процесот на демократизација на изборниот модел, подвлече генералниот секретар на Левица, Јована Мојсоска, додавајќи дека најавите за нов Изборен законик од страна на министерот Тупанчевски е уште едно пролонгирање на даденото ветување на СДСМ за една изборна единица.

Претседател на Демократската Партија на Турците(ТДП), д-р Бејџан Иљас е загрижен дека иницијативата за една изборна единица нема да успее, бидејќи сè уште нема средба за консултации околу новиот изборен закон.

„До овој момент немаме покана за средба или не нè имаат консултирани во врска со овој закон. Потребата за промена на изборниот модел ја иницираме долго време во Собранието, но како и денеска секогаш политичките партии оваа промена ја успоруваат само по нивен интерес“, подвлекува претседателот на ТДП.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека се спремни да ја тргнат блокадата и предложија итно да се изгласа една изборна единица, а веќе од следниот ден министерот Тупанчевски ќе ги добие тимовите кои ќе работат на изборните измени.

„Еве веднаш нека ја стават точката за една изборна единица во рамките на парламентот да сите сложно и консензуално ја усвоиме таа точка или пак да помине, не мора консензуално, има политички партии кои се против тоа, тие што се таму, да ја усвоиме оваа измена за една изборна единица што беше практично и барање на помалите партии, нели Народна на Георгиевски, ДOM на Морачанин, ЛДП на Милевски, ДС на Трајанов и останатите бараа една изборна единица и тоа е колку што знам коалициски договор со СДСМ. Бидејќи СДСМ во моментот тактизира, не знае сега дали ќе застане зад овие партии, дали ќе застане зад ДУИ, еве ние како ВМРО-ДПМНЕ велиме едноставно, ајде во парламентот да го усвоиме тоа што го бараат овие партии, да имаме една изборна единица, гласот на граѓанинот секаде да тежи подеднакво, па потоа нема проблем, ќе составиме работна група која заедно со Тупанчевски ќе работи на измените на Изборниот законик и препораките на ОБСЕ/ОДИХР“, изјави партискиот лидер Христијан Мицкоски.

Од СДСМ велат дека го поддржува воведувањето на една изборна единица и дека партијата е првата која оваа заложба ја има поддржано јавно и програмски.

„Имаме предвид дека измените на Изборниот законик се носат со консензус од сите политички субјекти и низ инклузивна јавна дебата. Гледаме дека различни партии имаат различно видување во врска со изборниот модел, една опозициска партија има еден став, друга друг став. Бидејќи станува збор за структурни измени на изборниот модел, сметаме дека не треба да се врзуваат со лимитирани кратки рокови“, вели пратеникот од СДСМ, Дарко Каевски.

(И.С.)