Уште едно убиство во скопско Блаце и пожар во кафуле во Чаир, кои се случија за само неколку часа, ги вознемирија жителите на Скопје откако, во изминатиов период, зачестија информациите за инциденти и за одмазда меѓу криминалните наркобанди. Прашањето што се отвори во јавноста е дали има поврзаност меѓу двата настана или станува збор за нова пресметка на наркобандите.

Беше пронајдено безживотно тело на маж, со прострелни рани од огнено оружје, во близина на локалниот пат од Долно кон Горно Блаце, во понеделникот вечерта. Застреланиот бил пронајден од својот брат полицаец.

Како што информираше МВР, по 18 часот, во СВР Скопје било пријавено дека во близина на локалниот пат од Долно кон Горно Блаце, лицето Н.Т. го пронашло телото на својот брат З.Т. (56), без знаци на живот, со прострелни рани од огнено оружје. А, само неколку часа пред убиството во скопско Блаце, на друга локација во Скопје, во Чаир, имаше пожар во кафулето „Барон”.

Дел од медиумите, во меѓувреме, објавија и видеоснимка на која се гледа како тројца маскирани го подметнале пожарот во кафулето „Барон“ во Чаир. На снимката се гледа како еден од маскираните ја крши влезната врата на барот со тврд предмет, други двајца влегуваат внатре со туба во рацете, а едно лице останува надвор и чува стража гледајќи кон улицата. Откако ја разлеваат запаливата материја внатре во кафе- барот, двајцата маскирани излегуваат, а лицето што стои надвор ја потпалува течноста со запалка. Влезот на објектот почнува да гори и тројцата маскирани бегаат. Сè се случува за половина минута.

Според медиумите, кафулето во Чаир има исто име како наводна скопска криминална група Барон и дека нејзините припадници се во еден вид отворена улична војна со другата криминална група од Грчец. Според информациите што проструија во јавноста, застреланиот маж што беше пронајден мртов во Блаце е полицаец и е татко на лице што е осомничено за учество во убиство на припадници на кланот од Грчец.

И Јавното обвинителство информираше дека  истражува за можна поврзаност меѓу опожарувањето во Чаир и убиството кај Блаце.

Оттаму велат дека јавен обвинител од ОЈО Скопје извршил увид на местото каде што било пронајдено телото на убиениот, дека подигнатите траги ќе бидат предмет на вештачење и дека е издадена наредба за обдукција. Во однос на пожарот во угостителскиот објект, „според првичните сознанија, пожарот е подметнат”.

– Се постапува за откривање на сторителите и за проверка на евентуална поврзаност на двата настана – соопшти ОЈО Скопје.

Убиството кај Блаце и опoжарувањето на локал во Чаир предизвикаа и меѓусебни препукувања на политичката сцена.

СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и министерот Панче Тошковски немаат капацитет да го расчистат случајот.

– Убиство и запалено кафуле во Скопје само за неколку часа. Министерот и началникот на СВР Скопје, кадри на Мицкоски и на ДПМНЕ, покажуваат голема некадарност во водењето на МВР. Најважното, безбедносна на граѓаните, се загрозува со тоа – се вели во соопштението на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека е срамно СДСМ да го обвинува Тошковски и наведуваат дека убиството е продолжение на наркопресметка на клановите, која почнала во времето кога Спасовски беше министер за внатрешни работи.

– Таквата сила на тие кланови доаѓа поради фактот што Спасовски, Заев и Ковачевски го ставија МВР на услуга на криминалците, а со помош на наркоклановите, ДУИ и СДС добиваа гласови во неколку последователни изборни циклуси. Застреланиот бил пронајден од братот полицаец, чие име се споменува во структурата на фирмата што им продава јаглен на ЕСМ и на РЕК „Битола“. А, јавна тајна е дека ЕСМ и РЕК се златните рудници каде што црпи пари врвот на СДС и ДУИ – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

За поврзаност на криминалните групи со институциите укажа и министерот Оливер Спасовски, по големата акција на МВР во скопско Грчец, во јануари. Тогаш, со докази обезбедени преку соработка со Европол и групата „Лимит“ (истражен тим од земјите членки, Франција, Белгија и Холандија), беа осомничени 16 лица за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, убиства и обиди за убиства.

Спасовски тогаш кажа дека „тоа е, можеби, една од најзначајните истраги, со која се финишира кон целосно разбивање на криминалните групи, кои дејствувале повеќе од 30 години на територијата на Град Скопје“.

М.С.