Прилепската болница доби донација oд две индустриски машини за перење и сушење

92

Прилепската болница доби донација, вредна 12 000 евра од компанијата „Гентерм“, која се состои од две индустриски машини за перење и за сушење алишта и постелнини. Со ова болницата ги обнови машините стари повеќе децении.

Директорот на „Гентерм“, Андреј Хафинетс изјави дека ова е трета донација за болницата, со која тие како општествено одговорна компанија и помагаат на прилепската заедница, пред сѐ на училиштата, градинките и на болницата.

 

– Задоволен сум што помагаме и овие машини ги дониравме за да помогнеме во хигиената и чистотата во Болницата, што е голема помош за пациентите. Со активностите ќе продолжиме и во наредната година, изјави Хафинетс.

Директор на прилепската Општа болница со проширена надлежност, Кети Смилеска упати благодарност за донираната опрема.

– Со овие нови машини кои се високо енергетски ефикасни ќе може да има поголема хигиена и да се заменат старите дотраени машини по повеќе децении, рече Смилеска.

Инаку, за подобрување на здравствените услуги, Итната помош доби нови апарати за мерење притисок, а одделението за физикална терапија очекува нова најсовремена опрема.