Пречистителната станица Волково со висок ефект на пречистување

86

Задоволителни резултати и висок процент на ефектот на пречистување на пречистителната станица за отпадни води Волково покажале анализите на 18 примероци од две мерни места.

Како што информираат од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ овие анализи биле изработени во периодот од 01.09.2021 до 30.09.2021 година, при што, вредностите на параметрите на излез се движат во границите на максимално дозволените концентрации според Правилник.

Пречистителната станица за отпадни води Волково е наменета за чистење на комуналните отпадни води кои доаѓаат од собирното подрачјето на населбите Кисела Јабука, Стопански Двор и Волково.

ПСОВ Волково е предвидена за 19 500 Е.Ж. За пречистување на отпадните води се употребува современа СБР технологија. Во текот на месец  септември, 2021 се пречистени вкупно 61.428 кубни метри отпадна вода. Од механичкиот предтретман се отстранети приближно 4,5 тони отпад со категоризација на отпад 19 08 01 (отпад од сита, крпи, марамици…) и 19 08 02 ( отпад од песколовец – песок).

Во Пречистителната станица за отпадни води – Волково  се прават анализи на параметри кои се предвидени во дозволата за испуштање на отпадна вода во реката Лепенец.