Преспанско Езеро речиси два метра под јунскиот просек

184

Водите на Преспанското, второто по големина природно езеро, не престануваат да се повлекуваат. Нивото на Преспанско Езеро е за 1,89 метри пониско од просечните вредности за месец јуни, покажуваат мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Повлекувањето на водите е дотолку поалармантно затоа што во изминатиов период имаше интензивни врнежи од дожд, а во мај и јуни се топи снегот на Галичица и ја зголемува издашноста на изворите и на реките кои го полнат езерото.

Во ажурираниот План за управување со води во Преспанскиот слив, со ранг од 1 до 3, кои ќе водат кон заштита на водите на Преспанското Езеро, а што ги испланира Министерството за животна средина и треба да се спроведат во рок од 6 години и содржат активности за контрола на повлекувањето на водите, заштита од поплави и регулаторни мерки.

Во втората група мерки означени со 2, се оние со многу висока важност и тие се насочени кон контрола на ерозијата, подобрување на канализациската мрежа, заштита од поплави, земјоделски мерки, како и градење на институционалниот капацитет на релевантните власти и засегнатите страни во Преспанскиот регион.

Во третата група на мерки означена со приоритет 3 се предвидува изградбата на пречистителни станици за отпадни води за помали англомерации на населени места во регионот, мониторинг активности на Преспанскиот слив, пошироко градење на капацитетите на фармерите, подобрување на системот за собирање на отпад, како и активности поврзани со имплементација на постојната легислатива и регулатива.

До 2024 година ќе се реализира и „Проект Преспа“, спроведуван од Македонското еколошко друштво, Друштвото за заштита на Преспа во Грција и Заштита на животната средина во Албанија, додека актуелен во моментов е и проектот „Зајакнување на капацитетите на Општина Ресен и изготвување на апликативни научноистражувачки проекти за заштитените подрачја“, преку кој се истражувале локалитети од литоралната зона на Преспанското Езеро.

(С.Бл.)