Експертскиот комитет за имунизација на Србија даде препорака за третата доза на вакцина против коронавирус, потврди државниот секретар во Министерството за здравство, Мирсад Ѓерлек, јави дописникот на МИА од Белград.

Претходно денес, премиерката Ана Брнабиќ за ТВ Пинк ја најави седницата на Националното тело за имунизација, кое ќе даде мислење на Кризниот штаб за третата доза, врз база на што на 1 август Кризниот штаб ќе засадава и ќе даде препораки.

Според агенцијата Бета, експертскиот комитет за имунизација препорача на кризниот штаб давање на трета доза на вакцина против корона најмалку шест месеци по приемот на втората доза, и тоа третата доза да биде РНК вакцина, како што се Фајзер и Модерна, која треба да пристигне во Србија во октомври.

-Врз основа на досегашните, малубројни студии кои покажаа дека употребата на третата доза или бустер дозата на вакцината против ковид 19 доведува до зголемување на хуморалниот имунолошки одговор, експертскиот комитет за имунизација препорачува да се даде трета доза на вакцина против ковид 19 на лица кај кои поминале најмалку шест месеци од примањето на втората доза, без оглед на видот на вакцината што претходно ја примиле, се наведува во препораката.

Тоа е првенствено кај: лица со имунодефициенција и имуносупресивни состојби, приматели на трансплантација на коскена срцевина и солидни органи и лица на хемодијализа, постари од 70 години, постари од 60 години кои трајно престојуваат во домови за стари лица и други институции за социјална грижа и вработени во здравствените и социјалните установи, како и лица кои живеат со примарна или секундарна имуносупресија, се додава во препораката.

Покрај тоа, третата доза може да ја земаат сите други лица кај кои поминале најмалку шест месеци од давањето на втората доза, забележа Комитетот.

-За третата бустер доза, се препорачува вакцина заснована на РНК технологија, но се остава изборот на вакцини засновани на поинаков механизам на дејствување, наведоа од Комитетот, додавајќи дека потребен предуслов за давањето на трета бустер доза е регулаторно ускладување со прописите на Република Србија.