Премиера на „Кармен“ според оригинална верзија од 19  век

373

„Кармен“ ја пеев многупати, во разновидни изведби, за разни поводи и ситуации, со различни емоции и расположенија… По толку години со „Кармен“, сега не мислам како технички ќе ја исполнам туку како ќе уживам во изведбата. Очекувам дека и сега ќе имаме добра претстава што ќе ја привлече публиката која секогаш сака да ја гледа оваа опера“, вели Ирена Кавкалеска, која ќе го толкува главниот лик во премиерната изведба на 8 ноември. Репризно најновата седма обнова на операта „Кармен“ ќе биде изведена на 12 ноември

 

Култната приказна за страсната и трагичната љубов на Дон Хозе кон Циганката Кармен, по седми пат ќе има своја оперска обнова на сцената на Националната опера и балет, но овој пат во режија на Нина Најденова од Бугарија, под диригентската палка на Енрико Довико од Италија и со оперската првенка Ирена Кавкалеска во главната улога. По цели 17 години од последната обнова, македонската публика ќе има можност да го види ова популарното дело на Жорж Бизе во полна верзија, според оригинална партитура.

„Кармен е едно од највредните дела на светската оперска литература, француска опера со шпанска приказна, која иако по своето прво прикажување на 3 март 1875 година доживеала неуспех, сепак станала едно од најпознатите и најгледани опери во светот. Настаната е според истоимената новела на Проспер Мериме, а првичниот неуспех се должел на различноста во однос на дотогашните „помеки“ теми. Кармен била претстава за ниски страсти, разбојништва, грабежи, проституција, раскажувала вистински случки од реалниот живот на подолните слоеви на општеството… Инаку, „Кармен“ е трета најгледана опера, и седма најизведувана претстава во Македонија“, велат од НОБ.

Операта “Кармен“ првпат била прикажана во Македонија на 4 март 1951 година, кога главната улога ја толкувала Ана Липша-Тофовиќ, и од тогаш доживеала уште шест премиерни обнови. На 8 ноември мецосопранот Кавкалеска, која ја играше Кармен и во обновата од 2002 година,  повторно ќе ја оживее приказната.

-„Кармен“ ја пеев многупати, во разновидни изведби, за разни поводи и ситуации, со различни емоции и расположенија… По толку години со „Кармен“, сега не мислам како технички ќе ја исполнам, туку како ќе уживам во изведбата. Очекувам дека и сега ќе имаме добра претстава што ќе ја привлече публиката која секогаш сака да ја гледа оваа опера“, истакна Кавкалеска, која последен пат во „Кармен“ настапила пред пет години. Таа посочи дека претставата ја работеле три недели од утро до вечер.

„Како да брусевме дијамант, се трудевме да бидеме најдобри што можеме. Баравме нешто поинакво и подобро, што ќе биде интересно за нашата публика“, додаде Кавкалеска.

Според директорката на Операта, Бисера Чадловска, најновата верзија ќе биде подолга од онаа во 2002, која била скратена и во траење од два часа. „Новата верзија на „Кармен“ ќе биде со комплетниот дел од раскажувањето на приказната“, рече Чадловска.

За режисерката Нина Најденова ова е четврта соработка со НОБ.

„Ме импресионира како една страст, една жена, може да уништи еден човек, и ние сме сведоци дека таква драма секојдневно се случува“, додаде Најденова.

Според диригентот Довико, пак, „Кармен“ е тешка за изведба. Оригиналната партитура на Бизе била микс на драма и музика за да се раскаже приказната.

Кореограф на најновата верзија на „Кармен“ е Олга Панго, сценографијата е на  Елена Иванова од Бугарија, а костимите се на Марија Пупучевска.

Претставата репризно ќе биде изведена на 12 ноември. (Д.Т.)