Охридско Езеро e најголемо и најзначајно природно езеро во Македонија, најстаро во Европа, и од биолошки аспект, најзначајниот стагнантен воден екосистем на континентот. Се карактеризира со богата историја, археолошки наоѓалишта и природна убавина, а го делат две држави: Македонија и Албанија.

Благодарение на ваквите особености, во 1980 година Охридското Езеро и градот Охрид се прогласени за Светско културно наследство под заштита на УНЕСКО. Токму во препораките на УНЕСКО е посочено дека Охридско Езеро треба да се заштити со закон за да се овозможи зачувување и одржливо користење на природните вредности на ова уникатно подрачје.

За жал, секојдневно од страна на граѓаните и еколошките друштва, во јавноста се посочуваат низа директни загадувачи на овој наш бисер. Истовремено се укажува и на немарноста на самите жители на Oхридскиот регион, како и неагилноста на надлежните институции што може да доведе до сериозно нарушување на екосистемот и неповратно загадување на Охридското Езеро, на што укажа и мониторинг тимот на УНЕСКО.

ДИРЕКТНИ ЗАГАДУВАЧИ

Со растењето и ширењето на градовите Охрид и Струга, експлозивната експанзија на туристичко-рекреативните населби, со инфраструктурни објекти што ги следат, кои постепено го зафаќаат целиот брег на езерото, развојот на индустриските објекти, употребата на хемиски средства за домашна хигиена, употребата на средства за аграрна фертилизација, како и средства за заштита на растенијата, доаѓа до директно или индиректно загадување на езерото.

Високиот степен на загадување и еутрофикација се евидентни во одредени локалитети од крајбрежниот езерски регион. Има зголемено нутриентно и органско оптоварување, контаминација со комунални отпадни води, односно фекален материјал од хумано или анимално потекло, во реони пред населбите кои не се опфатени со колекторскиот систем, како и пред речните вливови.

Весникот ВЕЧЕР консултираше граѓански еко-здруженија, стручњаци, професори и доби одговор од надлежни институции колку се сработуваат домашните задачи што ни ги даде УНЕСКО.

Нуркачки центар Акватек

Охриѓанецот Никола Паскали, нуркач во нуркачкиот клуб „Акватек“, вели дека состојбата со и околу Охридското Езеро е страшна.

– Потегот од старото пристаниште до плажата Лабино, кај Даљан, кај реката Грашница, тие делови се многу загадени. Постојано спроведуваме акции за чистење на езерото. Дури и кога немаме некоја акција со поголем габарит, кога ќе извадиме дури и само една чаша од езерото, ја сликаме и ја споделуваме  на социјалните мрежи и медиуми за да ја поттикнеме свеста кај населението да се оттргне од користење на пластични материјали. Ги имаме две секунди во раце и потоа ги оставаме во природата каде што можат да стојат илјадници години – потенцира Паскали.

Тој посочува дека од отпадот најзастапени се пластичните шишиња, најлонски кеси, како и детски играчки од пластика и обувки. Можат да се најдат и стари бојлери, шпорети, сè до макропластика.

Никола Паскали

– Поголемо количество отпад има на места каде што има и поголема фреквенција на луѓе, токму кај населените места. Но и дивите предели не се изолирани од тој проблем. Во Сараиште, во стариот дел на градот, среќаваме пластични шишиња од Албанија што се гледа од декларацијата на етикетите. Уште пострашно е што има решение, а ништо не се презема. Ние имаме заменски материјал или методи како да ја тргнеме пластиката. На пример, пластичните шишиња автоматски ги тргаме со враќање на стариот принцип на амбалажа со стаклени шишиња. Стаклото, ако се најде во природата, не е толку штетно како макропластиката. Уште поголем проблем што не го гледаме и што не е воочлив е загадувањето на водите од користење на различни детергенти, хемикалии преку миење автомобили, но и од градежништвото. Не се води грижа, туку сè е оставено на добра волја, а во сиромашно општество, кое е на работ на егзистенција, каде што луѓето се мислат како да преживеат ден за ден – екологија не барајте. Тоа им го кажувам и на странските новинари кога ќе ми се јават. Затоа треба да се крене стандардот и едукацијата, па паралелно да дејствуваме и да чистиме – дециден е Паскали.

Нуркачкиот центар „Акватек“, максимално е вклучен во еколошките акции, а имаат и едукативни тури.

– Еколошки акции постојано се спроведуваат, а соработуваме и со други клубови и еве сега се вклучуваат и компании што сакаат да помогнат. Ова го правиме со добра волја затоа што вистина сме нападнати, пред наши очи го губиме Охридско Езеро – вели Паскали. Тој посочува дека во план е да му се помогне и на Преспанско Езеро бидејќи се работи за врзани садови.

ЧОВЕЧКИ ФАКТОР

За Ленче Локоска, доктор по биолошки науки и професор во Хидробиолошкиот завод во Охрид, човечкиот фактор е најголемиот загадувач и уништувач на Охридско Езеро. Таа вели дека во делови од крајбрежјето се вршат тампонирања (со градежен шут, земја) и се формираат нови плажи. Локоска потенцира дека не смее да се дозволуваат никакви интервенции во крајбрежјето на езерото, посебно никако не смее да се врши тампонирање, односно внесување на каков било материјал од надвор, бетонирање и слично.

– Заради тоа би дошло до исчезнување на ендемичните и реликтни животински и растителни видови, според кои Охридското Езеро е специфично, посебно, познато и уникатно. Дополнително со таквите интервенции доаѓа до оплитнување на езерото (додатно се внесува најразличен шут, чакал, песок, земја и сл.), односно до забрзување на неговото стареење, со интензивирање на процесот на еутрофикација и во блиска иднина до негово изумирање (исчезнување) – нагласува професорката.

Според Локоска, уништувањето на природните живеалишта и нарушувањето на квалитетот на водата е најсилно изразено во литоралната зона, посебно во оние области кои се најблиски до населените места.

– Слободната вода (пелагијалот) на езерото сè уште одолева на негативното влијание на човековите активности и тој дел од езерото е олиготрофен – оценува таа.

Ризични делови од крајбрежјето и кога е капачката сезона и кога не е сезона за капење се оние пред населбите и пред устијата на реките. Локоска вели дека еден од најголемите потенцијални ризици за човековото здравје во населбите, кои се наоѓаат на брегот на езерото, е контаминација со бактерии и вируси кои предизвикуваат заболувања, а навлегуваат во езерото со отпадни води кои содржат фекалии. Според неа, дополнително загадување со бактерии се јавува на местата каде што се вливаат реките и притоките во езерото, кои носат животински и човечки отпад од селата кои се подалеку од езерото.

– Сите извори на загадување треба да се земат предвид, доколку се сака водите на Охридско Езеро да останат чисти за употреба и на задоволство на сите – потенцира Локоска.

Таа посочува дека фекалното загадување може да потекнува од испуштање на отпадни води од нерегулирани септички системи (септички јами) од домаќинствата и од животински отпад, отпадни ѓубрива од сточни фарми, како и од истекувањето на атмосферските води во руралните области, кои, покрај другото, се и со високи концентрации на фекални колиформни бактерии.

Исто така, и капачите (кои се многубројни на поабундантните плажи) преку нивните екскрети придонесуваат за зголемување на бројноста на колиформните бактерии и фекалните индикатори.

Проф. д-р Ленче Локоска

– Причина за зголемен број бактерии за време на туристичката сезона е и тоа што при капењето и други активности во вода на капачите доаѓа до подигањето на седиментот, односно мешање на водата со подлогата од дното каде што бактериите се многу побројни отколку во слободната вода. Тоа се плажи каде што дното е милесто и богато со органска материја, што не е случај со плажи каде што дното е песокливо (ситен песок, чакал и сл.) – нагласува Локоска.

При појава и зголемена бројност на колиформни бактерии и фекални индикатори во водите наменети за капење, тие може да бидат ризични за човекот доколку дојде во допир со нив. Може да дојде до појава на кожни инфекции или, пак, до појава на гастроинтестинални проблеми проследени со дијареја, повраќање и слично. Честа појава е кај дечиња кои нуркаат и пијат од водата, или кај возрасни со намален имунитет. Исто така, индиректно може да дојде до инфекции доколку таква вода се користи за миење на овошје и зеленчук кои се консумираат свежи.

– Поради тоа, малите дечиња и луѓето со намален имунитет треба да ги избегнуваат поабундантните плажи преполни со капачи. Дополнително ќе ги спомнам и миленичињата, чиј измет често може да се најде во песокот, а со самото бранување доаѓа во водата – вели Локоска.

ВОДОТЕЦИТЕ ЗАГАДУВААТ

Реките што се влеваат во езерото забрзано го задушуваат она што постои повеќе од милион години во езерските води. Сатеска, Велгошка и Коселска се реките што го сочинуваат крвотокот на охридскиот слив и извираат од недопрената природа на Илинска, Плаќенска Планина, горен слив на Дебрца. Но, кристално чистите водотеци на својот пат кон Охридско Езеро, доаѓаат во допир со човекот. Во долните текови што минуваат низ населени места, бреговите се деградирани со диви депонии од комунален и градежен шут, обраснати со вегетација, наталожена тиња измешана со отпадоци.

– Овие притоки на езерото влијаат врз квалитетот на водата од деловите на литоралот пред нивните вливови. Посебно е маркантно фекалното загадување. Најмногу бактерии има во Грашница, пред устието на Велгошка Река, која е најзагадената притока, што внесува најмногу отпадни комунални и индустриски води богати со полутанти, органски материи и бактерии – нагласува професорката Локоска.

Слична е состојбата и со квалитетот на водата од реката Черава, која извира од Албанија и со поголемиот свој дел тече низ неа. Во Македонија тече низ Љубанишко Поле и источно од Св. Наум се влива во Охридско Езеро. Во сливот на реката се наоѓа депонија од рудници за јаглен кои своите отпадни води и цврсти отпадоци ги испуштаат во реката. Реката тече низ рурални и рударски површини, а ги носи и отпадните води од населбите, камповите и другите туристички објекти.

Оваа река, за време на обилни врнежи, внесува и огромни количества отпад (најмногу пластичен) од албанската страна, кој завршува на брегот на Охридско Езеро кај Љубаништа.

– Делот од реката Черава, што тече низ Македонија, е мал и без населени места, односно нема антропогени влијанија. Мораме да напомниме дека во Албанија делот од Охридското Езеро е под силно антропогено влијание. Покрај населбите, нерешените комунални отпадни води, дивите депонии, како и исцедните води од земјоделските површини како и од рудниците (за железо, никел, кобалт, хром). Во сливното подрачје на езерото се лоцирани 37 рибници за одгледување на калифорниска пастрмка, за чие одгледување се користат десетици тони храна за риби. Покрај остатоци од храна, отпадоци, екскретите од рибите, во езерото навлегуваат и средства за третирање на рибите (антибиотици и сл.). Сите тие се опасни и штетни материи кои го загадуваат езерото. Заради зачувување на Охридско Езеро неопходно е преземање соодветни мерки за стопирање на загадувањето, санација и заштита од страна на двете држави, Македонија и Албанија, затоа што водата нема граници. Негативните влијанија од која било страна во целост се одразуваат на целото езеро – потенцира Локоска.

Сатеска, пак, е реката на која ѝ е посветено посебно внимание во Извештајот од реактивната мисија на УНЕСКО. Комитетот за светско наследство бара исправање на катастрофалната грешка од 1961 година, кога оваа река беше пренасочена  во Охридско Езеро, а со цел да се заштитат од седимент вештачките акумулации Шпилје и Глобочица.

КОЛЕКТОРСКИ СИСТЕМ

Токму за состојбата на колекторскиот систем на Охридско Езеро и неговата  сеопфатност зборувавме со Владимир Алексијоски, директор на ЈП „Колекторски систем“. Тој со министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, неодамна потпишаа договор за доделување на средства за санација и унапредување на ефикасноста на колекторскиот систем Охрид – Струга, во вредност од 40,4 милиони денари од буџетот на МЖСПП за 2023 година.

Владимир Алексијоски, директор на ЈП Колекторски систем и Каја Шукова – министерка за животна средина и просторно планирање

Алексијоски посочува дека во план е целосна реконструкција на колекторскиот систем, заклучно со 2025 година, и ќе се работи на три позиции.

– Првата е оној најкритичен дел што децении наназад прави загадување на Охридското Езеро кај месноста викана Грашница. Таму има два системски испусти од колекторскиот систем и затоа што сè уште не е поделен атмосферскиот систем од фекалната канализација, при секое врнење на поголеми дождови има излевање на мешана заматена вода, за која еколозите и граѓаните сметаат дека се фекалии. И тука ќе извршиме комплетно снимање и чистење на цевководот од стариот пат за Струга до препунктната станица во Даљан. Тоа се околу километар ипол вкупната должина. Се надеваме дека во целост ќе го отстраниме проблемот. Со овие пари треба да се реши и проблемот со влевање на чиста вода од реката Дрим во колекторскиот систем – објаснува Алексијоски. 

Втора позиција е кај кружниот тек на влезот во Струга, кај препунктната станица Струга 3. Таа ги прифаќа водите и од струшката и од охридската страна.

– Таму имаме проблем со преминот на цевководот од струшката страна од западен колектор под реката Црн Дрим, поради изместеност на цевководот и оштетување. Истата вода, за жал, навлегува во собирната комора која ја носиме до Ложани, кај пречистителната станица, со што ни задава поголеми трошоци по однос на струјата. И тука освен снимање и чистење, планирано е да вовлечеме и цевка во цевка без ископување по најновиот ЦИП-метод, истото што го работевме и во 2019 година на други три локации. Третата позиција што ќе ја работиме е чистење на цевководот каде што застанавме во 2020 година. Тоа е делот пред препунктната станица Подмолје, каде што има преголемо количество на подземна вода и каде што има преголема инфилтрација во цевководот. Тука ќе продолжиме со чистење и исто така вовлекување цевка во цевка – додава Алексијоски.  

Тој вели ЈП „Колекторски систем“ со сопствени средства инвестираше во „застарениот и никогаш, во овие 40 години, неодржуван колекторски систем“.

– Поставени се нови потопни пумпи со сопствени секачи на три препунктни места, а исто така и поставена е претходна регулација на пет препунктни станици Охрид 1, Охрид 2, Даљан, Подмолје и Струга од двете страни и охридската и струшката. Со ова наголемо ќе ги намалиме сметките за електрична енергија, бидејќи досега најмалку една пумпа работеше 24 часа, без разлика на нивото на фекалиите. Сега со автоматизацијата, согласно  со нивото, се вклучуваат и исклучуваат пумпите и тоа напоредно за да се направи заштеда и на самите пумпи во препунктни станици. Многу сме задоволни од она што досега го имаме направено, бидејќи до пред кратко време две беа целосно амортизирани – истакнува Алексијоски.

Директорот вели дека се обезбедени и грантови во висина од 920.000 евра преку Амбасадата на Шпанија, заедно со шпанска проектантска фирма ИДОМ. Таа треба да изработи проекти за во целост да се затвори колекторскиот круг од македонската страна на езерото.

– Ќе се изработи проект и за засебна прочестителна станица и секундарна канализација во Љубаништа. Бидејќи локалната самоуправа во Охрид има обезбедено проект за доизградба на секундарната канализација и засебна пречистителна станица и во Трпејца, во договор со нив го зедовме за решавање проблемот со селото Елшани и се планира да се изгради цевковод со примарен колектор кој ќе ги собира фекалните води од Елшани и ќе ги внесат во постојниот наш систем кај препунктната станица во Елешец. Исто така, во разговор со ИДОМ, побаравме и Радожда да се решава со засебна своја пречистителна станица, бидејќи во иднина така би биле помали трошоците за нивно одржување – вели Алексијоски.

Уште една работа што побарале од ИДОМ е во Охрид кај Подмолје да се изгради пречистителна станица, која ќе ги пречистува водите од охридските и приградските населби на Охрид за таа вода пречистена да се испушта во езеро.

– Или во соработка со јавните претпријатија од локалната самоуправа да се изгради технички цевковод што таа вода ќе ја користи за наводнување на зелените површини во општина Охрид. И уште една работа, во тие грантовски средства треба да се направи ревизија на проектот од 2015 за реконструкција на пречестителна станица со додатоци од биодигестор, фотоволтаични централи за намалување на сметки за електрична eнергија – објаснува Алексијоски.

Според него има многу работи кои треба да се направат во целост за да се отстранат загадувачите.

– Загадувач не е само фекалната канализација. Има и многу реки што се влеваат во Охридско Езеро и тие прават проблем. Најпрво што треба да се направи во општините Охрид и Струга е да се обезбедат средства за одделување на атмосферската од фекалната канализација. Тоа се милионски суми за целосно да се одделат, бидејќи треба да се знае дека атмосферската вода е чиста и дека слободно може да влегува во Охридското Езеро, а со тоа и да се намали кај нас оптовареноста на колекторскиот цевковод. Затоа треба да се подигне свеста на граѓаните да се тргнат сите олуци од сите нови градби. Жалосно е што преку 20 проценти од новите градби, олуците им завршуваат во фекалната канализација. Треба да се отстранат и сите диви приклучоци на овие реки, тука е Коселска Река и Грашница, на кои многу од жителите си имаат сами направено приклучоци и фекалиите одат во река и потоа нормално во езерото – потенцира Алексијоски.

Од Општина Охрид посочуваат дека во Програмата за заштита на животна средина и природа за 2023 година има издвоено 200.000 денари за чистење на Охридско Езеро од цврст отпад, а во 2022 година за истата намена биле издвоени 300.000 денари.

– Исто така, Општина Охрид редовно ги поддржува акциите за чистење на дното на Охридско Езеро кои ги реализираат клубовите за подводни дејности и еколошките организации. ЈП „Охридски комуналец“, во согласност со својата програма, за работа врши редовно чистење и одржување на крејбрежјето на Охридско Езеро и спроведува организирани акции за чистење во зависност од потребите – велат од Општината.

Оттаму посочуваат и дека Општина Охрид има поставено заштитни брани со мрежа на сите реките од сливното подрачје на Охридското Езеро, кои се наоѓаат на територија на општината.

– Целта на овие метални механизми е да се заштити животната средина и да се спречи влевањето на најразлични видови на цврст отпад во езерските води. Екипите на ЈП „Охридски комуналец“ вршат редовно чистење на насобраниот отпад во делот на мрежите – велат од Општината.

СПОМЕНИК НА ПРИРОДАТА

Министерот без ресор во македонската Влада, Едмонд Адеми, истакна дека со санацијата на колекторскиот систем се исполнува една од најважните препораки на Комитетот за заштита на светско културно и природно наследство на УНЕСКО и значаен чекор во заложбите за зачувување на статусот на светско природно наследство кој го поседува овој регион.

– Заштитата на Охридското Езеро мора да биде еден од врвните приоритети на нашето дејствување и затоа не смее да се дозволи никаков компромис. По долги години отсуство на нашата земја во процесите и соработката со УНЕСКО, за помалку од една година Република Северна Македонија ја зајакна својата соработка на политичко ниво и се враќа на голема врата во процесите и соработката со УНЕСКО. Покрај членството во НАТО и отворањето на преговорите со ЕУ, УНЕСКО е третиот надворешно политички приоритет на Владата – истакна Адеми.

Министерството за животна средина и просторно планирање започна со донесување на Нацрт на Закон за прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје III категорија – споменик на природата, во согласност со препораките на УНЕСКО.

Во февруари годинава, од страна на Даниел Богнер (Регионална канцеларија на IUCN за Источна Европа и Централна Азија (советодавно тело на УНЕСКО за делот на природно наследство), беше одржана презентација за Студијата за валоризација на природните вредности на Охридско Езеро.

– Студијата е изготвена во рамки на ГЕФ/УНЕП Проектот: „Постигнување заштита на биолошката разновидност преку креирање и ефективно управување со заштитените подрачја и одржување на биодиверзитетот во планирање на користење на земјиштето„ (СТАР 5), во соработка на Програмата на Обединетите нации за животна средина (UNEP) во Виена и Меѓународната унија за заштита на природа (IUCN), Канцеларија за Источна Европа и Централна Азија (ЕCARO) со седиште во Белград, а во координација на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Студијата беше изготвена врз основа на најдобри пракси, користени од страна на IUCN, како најеминентна и меѓународно призната организација за заштита на природата во светот, која посветено работи на заштита и зачувување на природата во период од неколку децении – велат од МЖСПП.

При изработката на студијата беа земени предвид постојните податоци/леери за природното наследство на Охридското Езеро и беа направени консултации со еминентни научни институции (Хидробилошка завод, Охрид) и експертска невладина организација со долгогодишно искуство во спроведување на оценки на биолошката разновидност и изработка на студии за валоризација/ревалоризација на заштитени подрачја.

Во рамки на горенаведениот проект СТАР 5, преку кој беше изготвена Студијата за валоризација на споменик на природата – Охридско Езеро, поради актуелната ситуација предизвикана од ковид-19, на ниво на проект се одржа онлајн презентација на Студијата и притоа IUCN одговори и ги зеде предвид сите релеванти коментари доставени од страна на: Фондот за природа Преспа-Охрид (ПОНТ), туристичка асоцијација „Билјана“, Трајче Талевски, НВО-Фронт 21/42, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Охрид СОС, Општина Охрид и Министерство за култура.

На 22. 9. 2021 година, од страна на градоначалниците на Охрид, Струга и Дебрца, потпишана е заедничка изјава за поддршка на повторното прогласување на Охридско Езеро за споменик на природата. Во изјавата, сите три општини подеднакво се обврзуваат да ја поддржат заштитата на езерото, проактивно да учествуваат во структурата за управување со заштитеното подрачје и да се придржуваат и да ги спроведуваат прописите и приоритетите кои се однесуваат на заштитата на езерото, а се наведени во Студијата за валоризација на споменик на природата – Охридско Езеро.

Јапонски експерти во МЖСПП

Јапонски тим на експерти за отпадни води и заштита на природни езера, предводени од Натсуки Хисаока, раководител на секторот за отпадни води во префектурата Шига и меѓународниот консултант и проект координатор за управување со отпадни води и трансфер на јапонска технологија за таа намена Такаши Кимура, директор на „Киџику консалтинг”, во март годинава беа на работен состанок во МЖСПП.

На состанокот јапонската делегација изрази задоволство за продолжување на соработката која се надоврзува на посетата на стручен тим од Јапонија во 2019 година и беше изразена подготвеност за експертска помош и трансфер на знаење и технологија за одржливо управување и подобрување на квалитетот на водите во Охридското Езеро како меѓународно природно и културно наследство заштитено од УНЕСКО.

– Во однос на неодамнешната посета на претставниците од ЈICA, се нагласи потребата од континуирана соработка во делот на заштита на Охридското Езeро, со цел подобрување на тековниот систем за собирање, одведување и третирање на отпадните води, како и промовирање на напредна технологија за заштита на природноста на Охридското Езеро – велат од МЖСПП.

Светлана БЛАЖЕВСКА – Даниела ТРАЈКОВСКА

 

(Со оваа сторија весникот ВЕЧЕР и vecer.press се приклучува кон кампањата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите, во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.)