Поранешниот француски ракометен репрезентативец Бруно Мартини, на почетокот од годинава, беше уапсен од француската полиција заедно со уште неколку лица, поради педофилија, искористување малолетници и снимање детска порнографија.

Поради ова дело, ракометарот беше осуден на една година условна затворска казна, односно на парична казна од 2.500 евра и доби петгодишна забрана за вршење работи поврзани со интеракција со малолетници откако беше докажано дека „уценувал малолетник и чувал порнографска слика на малолетно лице“.

Но, Мартини (52) сега, во разговор за „Л’Екип“, прозборува за целата ситуација, која речиси му го уништи животот.

– Факт е дека детето имало 13 години. Но, јас не го знаев тоа. Полицијата влезе и ги претресе мојот дом во Париз и мојата поранешна куќа во Еро, каде што живеат мојата ќерка и поранешната сопруга. Ми ги запленија компјутерот, телефонот… но ништо не најдоа. Јас не сум педофил. Можеби, го кажувам ова како изговор, но тоа е вистина. Во 2019 и 2020 година, бев во голема депресија, еден вид мал пад. Можев да западнам во насилство, да употребам алкохол и дрога. Но, јас го одбрав сексот. За мене, тоа не беше цел, туку средство. Направив работи што се надвор од мојот карактер. Нема сомнеж дека мојот живот заврши на 23 јануари годинава, денот кога судот ми ја изрече пресудата – изјави Французинот, кој по овој настан, има ограничени контакти со само шестмина пријатели, кои се менуваат во неговиот дом.

Мартини долги години го чуваше голот на Франција и два пати стана светски првак со неа, во 1995 на Исланд и шест години подоцна, на домашен терен. Тој бранеше за Истр, Монпелје, ПСЖ, шпанските Теукро и Кангас, како и за германските Вупертал и Кил.