Прашината сахарска, чадот вардарски!

193

На поранешната депонија Вардариште се горат кабли и тоа е причината што изминативе денови цел град мирисаше на чад, информираат од Министерството за екологија. Граѓани на социјалните мрежи коментираат дека во министерството откриле „топла вода“ со оглед на тоа што жители на Лисиче, Ново Лисиче, Аеродром, Маџари… постојано кажуваат и споделуваат фотографии како густи облаци од чад секојдневно се издигаат од Вардариште.

– Прашината од Сахара дојде заедно со топлотниот бран. Да, таа е дел од објаснувањето зошто имаме вака високи вредности за ПМ-10 скоро во секое мерно место. Но, другото е со локално потекло. Чадовите во воздухот се наши. Испративме претставки до општините Карпош, Аеродром, Гази Баба и инспекторат на Град Скопје и барања за 24-часовен инспекциски надзор, патролирање на терен и конечно оградување на Вардариште и воведување на редарска служба – велат од О2 Иницијатива и бараат надлежните веднаш да спречат среде лето скопјани да дишат загаден воздух.

Од Државниот инспекторат за животна средина во координација со Инспекторатот на Град Скопје и МВР ќе вршат засилени контроли и интервентни акции по пријави на граѓани.

Вардариште, поранешна депонија, со години е рак-рана на Скопје. Овој простор кој со децении беше градска депонија, треба да се исчисти и санира. Според пресметките на Град Скопје, потребни се 26 милиони евра за чистење на децениското ѓубре и рекултивација на просторот. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов неодамна изјави дека се работи на финансиско решение за депонијата Вардариште.

– Тој проблем е за жал 30-40 години и никогаш не бил решен системски, никогаш не се работел тој проблем и таму има сериозен распад на отпад кој како смрдеа излегува во атмосферата. Ние ја направивме целата студија, 26 милиони евра би чинела санацијата на Вардариште. Јас разговарав и со министерот за животна средина, и во пристапните преговори во кои ќе влеземе една од најважните компоненти е здравата животна средина, ќе имаме достапност и до европските фондови за проектот кој градот го изготви, кој не е импровизација туку е сериозно и дефинитивно решавање на проблемот – рече Шилегов.

(С.Бл.) – Фото: Фејсбук