Дали полнолетните граѓани што немаат лична карта, но стар важечки пасош, ќе можат да го остварат правото на глас зависи од одлуката на пратениците, вели претседателот на ДИК, Александар Даштевски. Претседателот Александар Даштевски изјави дека ДИК предлага во Изборниот законик да се внесе преодна одредба со која ќе се овозможи на овие избори да се гласа и со старите важечки документи.

-До Собранието дадовме еден предлог – во Изборниот законик да се направи измена во која ќе има преодна одредба само за овие избори, да важат и старите важечки документи за да можат да гласаат сите граѓани. Дали тоа ќе се усвои или не, зависи од Собранието, истакна Даштевски.

Од Комисијата предлагаат во Изборниот законик да се внесе преодна одредба да важат старите важечки документи само за овие избори, за да може сите граѓани да го остварат своето гласачко право. Важечките документи, според Изборниот законик, се патната исправа и личната карта, истакна Даштевски, а лицата кои навршуваат 18 години, според него, ќе можат да се пријават за да бидат внесени во Избирачкиот список.

-За полнолетните е изнајдено решение и точно се знае според закон до кога ќе можат да се запишуваат. Тоа што е во законот, тоа е, рече тој.

Инаку, денеска свечена изјава даде и Абдуш Демири, кој е седмиот член на Државната изборна комисија и со тоа се комплетираше составот на ова највисоко изборно тело. Повеќе месеци беше испразнето едно место во ДИК по заминувањето на Кренар Лога, кој стана министер за правда. Новиот член на ДИК беше предлог на албанската опозициска коалиција.

Даштевски смета дека Демири совесно и професионално ќе ја извршува својата задача.

– Во претходните мои изјави бев оптимист и бев сигурен дека ќе се избере членот, така што комплетиран е составот на ДИК со седум члена и не се остава простор за какви било манипулации што би можело да создаде едноставно сомнеж, а не значи дека ќе има, рече Даштевски.

Демири изјави дека ќе ги извршува своите задачи согласно Изборниот законик.

– По еден долг процес од една година, конечно албанската опозиција го доби својот претставник во ДИК. Не знаеме зошто овој процес се одолговлекуваше, иако со закон местото беше резервирано за албанската опозиција, рече Демири.