По обилните врнежи од снег следува поларен студ – ски-сезоната продолжува

340

Обилните врнежи од снег престанаа, следните денови нè очекува поларен студ, понекаде со температури и до околу -20 степени, прогнозираат метеоролозите.

Многу студено ќе биде и преку ден, особено во првите неколку денови од новата седмица. Тогаш температурите и преку ден на повеќе места ќе останат под нулата. Само во најтоплите централни и југоисточни предели тие ќе се искачат за неколку степени над нулата, вели метеорологот Славчо Поповски.

Според него, времето ќе биде сончево и ведро со мала до умерена локална облачност, а ветерот од северен правец ќе ја намали својата брзина. Наутро температурите на многу места ќе се спуштаат до околу -10 степени, а тие понекаде ќе се спуштат и до околу -15 степени. Ќе има места каде што температурата наутро ќе се спушти дури до околу -20 степени, со што очекуваме појава на силен мраз. Во Скопје и околината исто така ќе имаме слично време, а температурата наутро ќе се спушти и под -10 степени.

И податоците од УХМР го потврдуваат истото.

-Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Утрото ќе биде многу студено со минимални температури од -18 до -8 степени Целзиусови, додека дневните од -3 до 5 степени Целзиусови. Во Скопје минималните температури ќе се движат од -13 до 3 степени. До средината на неделата времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Најстудено ќе биде денеска и во вторник. Од четврток ќе дува и засилен северен ветар, а температурите ќе бележат тенденција на пораст, велат од УХМР.

Најстудено утринава беше во Маврови Анови каде што се измерени -8 степени, по што следуваат Крушево со -7 и Берово со -5 степени. Највисока снежната покривка е во Дебар и Маврово (25 сантиметри). На Попова Шапка снежната покривка е 21 сантиметар, а во Крушево еден сантиметар.

Од утринава се укинати сите забрани за сообраќај за тешки товарни возила кои беа воведени поради снежните врнежи во земјава, но се препорачува внимателно возење и прилагодување на брзината кон условите на патот.

Според информациите од АМСМ и „Македонија пат“ укинати се забраните на планинскиот превој Плетвар, Стража, Ѓавато, од село Рогачево до граничниот премин „Јажинце“, од Струга кон граничниот премин Ќафасан, како и од Крива Паланка кон граничниот премин Деве Баир.

Најмногу снег, според информацијата на раководителот Влатко Цоневски, има на планината Голак каде што механизација на претпријатието веќе извршила чистење, а поради обилниот снег на самото место на терен таму ќе остане возило на подружницата заради навремена интервенција во случај да се зголеми снежната покривка во текот на ноќта.

-На останатите делници немаме проблеми, на местата каде имаме повеќе снег веќе има наши екипи таму. Помината е делницата од Делчево кон Граничниот премин кон Република Бугарија. На останатите патни правци кои ги покриваме засега немаме проблеми – вели Цоневски.

На снегот најмногу му се израдуваа најмладите и љубителите како и туроператорите во зимските центри. Скијачката сезона продолжува во сите скијачки центри низ Македонија. Од Попова Шапка соопштија дека од вчера се пуштени во употреба скијачките терени и во функција се сите ски-лифтови.

(А.П.)