По геј-забава  во Брисел: Се разниша моќта на Орбан и дома и во ЕУ

156

Оставката на европратеникот Јозеф Сајер, столб на владејачката партија Фидес, би можела да ја ослабе положбата на Унгарија, која е во судир со Европската унија околу владеењето на правото

Со кого и со колкумина се среќава некој политичар во својата спална соба или на какви легални секс-забави учествува, во толерантната и слободарска Европа, е негова приватна работа. Освен, ако тој не е лицемер, кој во јавноста се претставува како спротивност од она што го прави во пракса. Тогаш неговиот приватен живот станува политика.

Така, приватниот живот на унгарскиот десно-конзервативен европратеник Јозеф Сајер, близок соработник на унгарскиот премиер Виктор Орбан, се претвори во политика. Во јавноста на државата – членка на ЕУ, Сајер е познат како застапник на строги традиционалистички и десно конзервативни погледи. Тој го пишуваше новиот христијанско-конзервативен устав на Унгарија во 2010 година, кој содржи и хомофобен член кој се однесува на семејството, пишува „Дојче веле“.

Откривањето дека соработникот близок до унгарскиот премиер Виктор Орбан бил на геј-оргија во Брисел, предизвикала ефект на бомба во Унгарија, каде што од опозицијата го осудиле лицемерството на властите кои ја критикуваат ЛГБТ заедницата.

Оставката на европратеникот Јозеф Сајер, столб на владејачката партија Фидес, би можела да ја ослабе положбата на Унгарија, која е во судир со Европската унија околу владеењето на правото, оценила агенцијата „Франс прес“. „Додека политичарите од Фидес ни држат лекции за христијанство и вредности на семејство тие водат сосема познаков живот”, рекол поранешниот левичарски премиер Ференц Дјурчан.

„Заминувањето на Сајер, добар познавач на Европскиот парламент во кој седел од 2004 година, ќе ја ослабе положбата на Орбан”, изјавил неименуван унгарски политиколог.

Доколку биде воведен механизмот за почитување на правната држава, тврди Орбан, ЕУ ќе се претвори во „нов Советски Сојуз”. Орбан ја обвинува ЕУ за желба да воведе диктатура на политичка коректност, во која веќе нема да важат христијанските, традиционални и семејни вредности, а леволибералниот европски естаблишмент сака луѓето да ги претвори во безбожни и без идентитет.

Аферата Сајер би можела сега на кратко или среднорочно да ја запре Орбановата хомофобна офанзива. Орбан сигурно детално ќе ги проанализира последиците на скандалот.   Премиерот, по ветото за буџетот на ЕУ ставено од Унгарија и Полска, води нова антиевропска кампања во која размавтува со моралниот стап пред домашната публика.