Поштенските пратки може да доцнат, но поплаките нема да се разгледуваат

Приватните поштенски оператори се жалат дека во овој период обемот на работа им е паднат за 30 до 40 проценти, па бараат отстапки од државата за да им се олесни состојбата, пред се да не плаќаат ДДВ, бидејќи овој данок го нема ни државната пошта. Тие се надеваат дека овој и наредниот месец граѓаните ќе ги зголемат онлајн нарачките од домашните електронски продавници и со тоа тие ќе имаат повеќе работа

382

Нарачки од „Али експрес„ и другите странски електронски продавници веќе нема, а стопиран е и целиот поштенски сообраќај со странство со затворањето на скопскиот аеродром поради прогласување вонредна состојба во земјава.

Од Пошта на Република Северна Македонија информираат дека приемот и испраќањето на пратките не е прекинат само со Албанија, Грција, Косово, Романија, Бугарија и Турција, каде се одвива по сувоземен пат, а со Србија поштенскиот сообраќај не е возможен поради затворените граници. За други земји се бараат канали за пренос, а се чека и помош од Меѓународното биро на Светскиот поштенски сојуз.

За разлика од меѓународниот, внатрешниот поштенски сообраќај е во тек, но се одвива отежнато и со значително намален обем. Приватните поштенски оператори се жалат дека во овој период обемот на работа им е паднат за 30 до 40 проценти, па бараат отстапки од државата за да им се олесни состојбата, пред се да не плаќаат ДДВ, бидејќи овој данок го нема ни државната пошта. Тие се надеваат дека овој и наредниот месец граѓаните ќе ги зголемат онлајн нарачките од домашните електронски продавници и со тоа тие ќе имаат повеќе работа.

-Кај нас обемот на работа е паднат за околу 20 проценти. Се надеваме дека ако продолжи ситуацијава во наредните месеци ќе имаме повеќе работа, зашто очекуваме дека граѓаните повеќе ќе нарачуваат онлајн. Нарачките засега се исти како порано, се нарачува облека и слично, како и претходно, но се уште половината од продавниците се отворени, па се купува и од таму. Нашите вработени се прописно заштитени, со маски, ракавици и внимаваат на дистанцата кога предаваат пратки. Кога е потребен потпис од примачот, посебно се внимава, вели за весникот ВЕЧЕР управителот на Сити пошта, Мирослав Петровски.

Од поштенскиот регулатор, Агенцијата за пошти посочуваат дека поради вонредната состојба можно е оправдано доцнење на пратките, особено на оние за кои е потребен потпис од примачот. Поради тоа, жалбите на корисниците на поштенските услуги додека трае вонредната состојба, нема да се разгледуваат.

-Агенцијата за пошти ги следи сите мерки кои ги преземаат давателите на поштенски услуги, кои се во насока на заштита на животот и здравјето на корисниците на поштенските услуги како и на вработените во поштенскиот сектор. Следствено на тоа, ги известуваме сите корисници на поштенски услуги дека во периодот кој следи се очекуваат отстапувања во обезбедувањето на поштенските услуги, особено во роковите за достава, како и во начинот на достава на поштенските пратки при обезбедување на поштенските услуги, за чие врачување е потребен потпис од примателот на пратката. Во периодот додека се на сила мерките, приговорите од корисниците за пречекорување на роковите за достава од страна на давателите на поштенски услуги, нема да бидат предмет на разгледување во Агенцијата за пошти. Исто така, ги известуваме сите корисници на поштенските услуги дека има и промена во работното време на давателите на поштенски услуги и во таа насока, молиме за разбирање затоа што се вложуваат напори, поштенските услуги да се завршат на сигурен и безбеден начин за сите нас, информираат од Агенцијата за пошти.

Инаку, за да им ја олесни работата на поштенските оператори Агенцијата за пошти веќе презема мерки. Така, одложено е отворањето прекршочни постапки кон давателите на поштенски услуги, како и редовните надзори, поведувањето постапки за присилна наплата на годишниот надомест и пресметка на казнена камата за оние кои го плаќаат со задоцнување.

На поштенскиот пазар во нашата држава државава, освен државната пошта, поштенски услуги даваат уште 40 лиценцирани фирми за такви услуги.

(С.В.)