Почна реконструкцијата на улицата „23 Октомври“

122

Денеска почна реконструкцијата на улицата „23 Октомври“ (поранешната улица „Владимир Комаров“) во општината Аеродром. Оваа сообраќајница ќе се обнови на должина од 800 метри, на потегот од Транспортниот центар до крстосницата со булеварот „Јане Сандански“.

– Градежните работи на оваа улица очекуваме да завршат за околу една недела. За реконструкцијата , од буџетот на Град Скопје се издвоени околу 9 милиони денари – изјави скопскиот градоначалник, Петре Шилегов.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин истакна дека реконструкцијата на оваа сообраќајница е многу важна за да им се подобрат условите за живот на граѓаните, бидејќи таа е една од пофреквентните улици во овој ден на општината. Тој се пофали дека и Општина Аеродром сама, со сопствени средства, интензивно работи на подобрување на патната инфраструктура.

Градот Скопје изминатиов период обнови повеќе улици и булевари што се во негова надлежност.

– Ги замолуваме граѓаните за разбирање. Веќе сме при крај на градежните работи за реконструкција на улиците. Денеска, едната страна на булеварот „Крсте Мисирков“ на Бит Пазар е отворена за сообраќај и се префрламе на другата страна. Очекуваме во наредните денови да биде целосно завршен булеварот „Кочо Рацин“. Скопјани заслужуваат многу подобра инфраструктура, а за мене како градоначалник тоа е императив – нагласи Шилегов.