ПОЧНА ОПЕРАЦИЈАТА НА ЧИСТЕЊЕ НА ОХИС: Отров во 88 буриња на пат кон Швајцарија

303

Во понеделникот биле испратени уште 88 буриња полни со хемиски супстанци. Станува збор за 11 хемиски супстанци кои со години стоеле во кородирани танкови/резервоари во кругот на ОХИС, а минатата година беа препакувани во буриња, складирани и подготвени за транспорт. Се бара чаре и за опасниот винил хлорид кој е лесно запалив и се наоѓа во 14-тонска цистерна. Од „Екоцентар 97“ информираа дека ангажирана е фирма од Франција која треба безбедно да го препакува винил хлоридот и потоа истиот, кон крајот на март ќе замине за Германија каде ќе биде изгорен во тамошна печка

Почна операцијата на чистење на поранешната фабрика ОХИС од опасниот отпад. По првата пратка со отровни хемикалии кои заминале на уништување за Швајцарија пред една недела, од фирмата „Екоцентар 27“ на вчерашната дебата организирана во просториите на општина Кисела Вода, информираа дека во понеделникот биле испратени уште 88 буриња полни со хемиски супстанци.

Станува збор за 11 хемиски супстанци кои со години стоеле во кородирани танкови/резервоари во кругот на ОХИС, а минатата година беа препакувани во буриња, складирани и подготвени за транспорт.

Неизвесно останува отстранувањето на опасниот винил хлорид кој е лесно запалив и се наоѓа во 14-тонска цистерна поставена на шини кои не водат никаде, бидејќи дрвените прагови одамна се извадени, а железните шини откорнати и продадени како старо железо.

Од „Екоцентар 97“ информираа дека и овој отпад кој со години стои во ОХИС како темпирана бомба, за два месеци ќе биде отстранет. Бидејќи станува збор за опасна лесно запалива хемикалија, ангажирана е фирма од Франција која треба безбедно да го препакува винил хлоридот и потоа истиот, кон крајот на март ќе замине за Германија каде ќе биде изгорен во тамошна печка.

Инаку, фирмата „Екоцентар 97“ доби продолжен рок до април годинава да ги отстрани сите 11 хемиски супстанци, вклучително и винил хлоридот. Во кругот на ОХИС ќе останат само двете депонии со линдан, но за нивно отстранување е задолжена државата.

На јавната расправа поранешни вработени го прашаа стечајниот управник Маринко Саздовски каква е судбината на повеќе тони жива, а тој им одговори дека таков отпад не затекнал и не идентификувал. Оттука поранешните вработени се сомневаат дека живата, поради несоодветно чување, најверојатно истекла во почвата и подземните води.

Нуредини дозна што затекнал Начевски во „Дрисла“

Новоименуваниот в.д. директор на „Дрисла“, Коста Начевски го информирал министерот за животна средина, Насер Нуредини што затекнал по влегувањето во депонијата „Дрисла“. За лично да се увери во тоа, Нуредини побарал до крајот на оваа недела да ја посети „Дрисла“ заедно со стручни лица од министерството и Државниот инспекторат за животна средина.

– Директорот Начевски ќе ги отвори вратите за увид во состојбите и за претставници од невладиниот сектор, со цел обезбедување транспарентост и контрола на работењето преку вклучување на сите релевантни чинители и јавноста – информираа од ресорното министерство.

Министерот Нуредини остварил координативна средба и со директорот на Царинската Управа, Ѓоко Танасоски, на која детално било разговарано за начините на вршењето на надзор врз количините на увезен, транзитиран и извезен отпад на територијата на земјата.

– Министерството во моментов работи на проверка и ажурирање на податоците во однос на видот и количините на увезен, извезен и транзитиран отпад низ територијата на земјава, односно регистрите со правни лица кои поседуваат дозволи за оваа намена. Истите ќе бидат споделени со јавноста во најкус можен рок – велат од МЖСПП.

(С.Бл.)