ПОЧНА ИЗДАВАЊЕТО НА СЕРТИФИКАТИТЕ:Вакцинираните и прележаните од корона можат преку граница!

547

Матичните лекари почнаа со издавањето на сертификатите за лицата кои ги имаат примено двете дози од вакцината, односно вакцина и ревакцина. Тој е бесплатен и се добива веднаш, во амбулантата или по мејл во зависност од барањето на пациентот. Со овој сертификат вакцинираните ќе можат да патуваат без никакви проблеми и без ПЦР тест за ковид-19 во државите каде што тоа е дозволено. Без сертификат, на граница задолжително треба да се има негативен ПЦР тест , но не постар од 72 часа. Новина е што лицата кои што ја прележале болеста од матичниот лекар можат да добијат медицинска потврда која што исто така е унифицирана. Со ваква потврда може да се патува, во земјите кои ги прифаќаат, но истата претходно треба да се преведе кај овластен преведувач. Ваква потврда се признава само доколку не поминале 6 месеци од прележувањето на ковид 19.

 

Веднаш по примањето на ревакцина-втора доза вакцинираните лицата можат да добијат сертификат за реализирана имунизација кој го издава бесплатно неговиот матичен лекар. Со овој сертификат вакцинираните ке можат да патуваат без никакви проблеми и без ПЦР тест за ковид-19 во државите каде што тоа е дозволено.
Според здравствените власти сертификатот треба да содржи податоци за примената вакцина и ревакцина и бар-код (на македонски и англиски )кој со отчитување води до интернет-линк на базата на вакцинирани во Македонија.

-На овој сертификат треба да пишува и име и презиме, датум на вакцина и ревакцина, како и тип на вакцина. На сертификатот, исто така, ќе има и дигитален печат од Министерството за здравство- информираат од здравство и дополнуваат дека тој може да се добие и во електронска форма.

Сертификатот е прилагоден онака како што се дадени препораките од ЕУ за патување на нашите граѓани. Како што појаснуваат од ресорното министерство доколку имунизираните лица се соочат со одредени проблеми при издавањето на сертификатите, како што деновиве се пишуваше по социјалните мрежи, односно доколку им биде побарано медицинската белешка да се плати, тогаш тие задолжително да пријават во Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Матичните лекари што ги контактираше ВЕЧЕР ни потврдија дека веќе издаваат бесплатни сертификати во електронска форма кои што ги праќаат на меил, телефонски преку порака или ги издаваат во хартиена форма во зависност од тоа како ќе побара имунизираното лице. Со овој сертификат може слободно да се патува, во спротивно на граница задолжително треба да се има негативен ПЦР тест , но не постар од 72 часа.

Досега во земјава имунизацијата на населението се реализира со вакцините на “Спутник В”, “Фајзер”,” АстраЗенека” и “Синоифарм”. Досега Грција и Австрија информираа дека ќе ги прифатат сертификатите на вакцините од сите производители, додека другите држави од ЕУ дополнително се одлучува да се произнесат. Засега влез во Унијата се дозволува со четирите вакцини регистрирани од Европската агенција за лекови (ЕМА) – „Фајзер“, „АстраЗенека“, „Модерна“ и „Јансен/Џонсон и Џонсон“.
Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а во моментов пријавени преку веб платформата vakcinacija.mk се над 256.346 граѓани.

На вакциналните пунктови во државата заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 84.312 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 10.135 граѓани, а последниот ден се вакцинирале 12.606 граѓани. Во државата вкупно вакцина и ревакцина примиле 104.962 граѓани, а две дози примиле 20.650 граѓани. Со последните бројки 28% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина.

Прележаните со ковид-19 може да патуваат со медицинска потврда

Покрај издавањето сертификати за имунизација новина е што лицата кои што ја прележале болеста од матичниот лекар можат да добијат посебна медицинска потврда за прележана зараза со коронавирусот која што исто така е унифицирана. Но услов за тоа е болеста да сте ја прележале, но не подолго од пред 6 месеци, бидејќи лицата што претходно се заразиле треба да бидат вакцинирани барем со една доза, доколку сакаат да излезат вон земјава. Оваа потврда треба да се однесе на превод кај овластен преведувач.

-За да се издаде ваква потврда треба да се има евиденција од првиот тест каде што стои дека лицето е позитивно на ковид-19, потоа решение за изолација -21 ден карантин и на крајот дека болниот е излекуван за што треба да поседува потврда за негативен тест на ковид-19- објаснува за весникот ВЕЧЕР д-р Билјана Неданова матичен лекар и појаснува дека лицето што треба да патува кога ќе ја добие оваа потврда треба да ја однесе кај овластен преведувач.

Министерот Филипче се вакцинираше со “Синофарм “

Министерот за здравство Венко Филипче вчера во вакциналниот пункт во арената Борис Трајковски јас прими првата доза од кинеската вакцина на Синофарм. По три недели на 28 мај здравствените лица му ја закажаа ревакцината на министерот Филипче.

Покрај Филипче, имунизирани се и други министри во владата, како и нивните заменици.

Министерот за здравство Филипче им порача на граѓани да се пријават на сајтот за вакцинација или преку „Мој термин“, бидејжи тоа е единствениот безбеден начин за заштита од опасниот коронавирус. Како што информираше Филипче досега 24 илјади лица се ревакцинирани, а над 100.000 граѓани примиле една доза од вакцините.

(В.Ма.)