ПОТВРДА И ОД РСБСП: Жените се безбедни возачи, иако мажите го мислат спротивното

76

Жените помалку страдаат во сообраќајни незгоди и помалку предизвикуваат сообраќајни незгоди со фатални последици. Жените повеќе ги почитуваат правилата за ограничување на брзината, повеќе ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација, повеќе внимаваат на ранливите групи учесници во сообраќајот, не поминуваат на црвено, не возат под дејство на алкохол итн. Ова го тврдат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) од каде ги побиваат стереотипите, воглавно од мажите, дека жените се лоши и небезбедни возачи.

– Исклучоци секако постојат, негативни примери има многу и не може да се каже дека жените се совршени возачи, но секое тврдење по автоматизам дека жените се лоши и небезбедни возачи е еднакво неоправдано, како и тврдењето дека жените се совршени возачи – велат од РСБСП.

Освен како пешаци и велосипедисти, денес, се поголем број жени, активно учествуваат во сообраќајот и како возачи на моторни возила и како мотоциклисти, а некои од нив и како професионални возачи.

– Ако пред дваесетина години жените претставувале само незначителен процент од возачите, денес таа бројка се доближува до 50 отсто. Жените покажуваат високо ниво на свесност и одговорност за безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Согласно тоа, не само како возачи, жените постојано се грижат и советуваат за безбедноста во сообраќајот и во улога на родители, учители, пријатели – велат од РСБСП од каде на понежниот пол им го честитаат денот на жената, 8 Март.