Породилното отсуство да биде 12 месеци, а работната недела 38 часа-се работи на нов закон за работни односи

Според претседателот на ССМ, Дарко Димовски, како синдикат тие се залагаат за договори за вработување на определено време само во исклучителни објективни услови со траење до една година, за 38-часовна работна недела, за породилно отсуство до 12 месеци...

784

Унапредување на работничките права, зајакнување на социјалниот дијалог и колективно договарање, треба да овозможи новиот закон за работни односи за кој повеќе од година и пол разговараат социјалните партнери – државата, работодавачите и синдикатите. Законските одредби треба да бидат усогласени со европските и светски стандарди, но и јасни и прецизни и договорени низ дијалог со цел да можат да се применуваат и почитуваат.

-Ние како синдикати се залагаме за договори за вработување на определено време само во исклучителни објективни услови со траење до една година, за 38-часовна работна недела, за породилно отсуство до 12 месеци, почитување на уредувањето на платите со закон, но и со колективен договор, за целосно остварување на правото на годишен одмор и почитување на конвенциите за слобода за синдикално организирање, унапредување на колективното договарање и социјален дијалог на сите нивоа, рече претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска истакна дека размислувањата на европските и светски синдикални движења одат во насока на баланс, и да се заштитат работничките права, но и да се постави флексибилност на пазарот на труд што, како што рече, е важно за економскиот раст.

Таа појасни дека во изминатите година и половина се разговара со овој закон и со синдикатите, но и со организациите на работодавачи за тоа какво подобрување на работничките права е потребно, а вклучени биле и академската фела и стопанските комори, иако законски тие не се дел од партнерите за социјалниот дијалог.

-Потребни се уште неколку нивоа дискусии за да се договорат големите или стратешките прашања кои овој закон ги решава, европски и усогласен со европските директиви. Кога ќе биде постигнат конечниот договор тоа ќе го соопштиме заедно со нашите партнери, рече Царовска.

Таа иако не сакаше да појаснува за кои делови е постигната согласност само рече дека ширината на Организацијата на работодавачи и на стопанските комори била на завидно ниво, затоа што, како што рече, се смета дека инвестирањето во работникот во овој период на развој на нашата држава е неопходно со цел квалитетните работници да останат тука да работат и да бидат попродуктивни. Можам само да кажам, рече Царовска дека немаше драстични противења. Таа е уверена законските одредби зад кои сите застанат се прецизни, тие и ќе се почитуваат.

Премиерот Зоран Заев вели дека договорањето за овој закон е само уште една од активностите на Владата за унапредување на правата на работниците и подигнување на нивниот стандард.

Со новиот закон, додаде премиерот треба да се најдат решенија за сезонската работа, за работата од дома и домашната работа, за работа на определено време и работата од далечина, еднаквиот третман на мажите и жените, за регулација за ноќната работа, дискриминацијата, еднаква плата за работа со еднаква вредност, …да побара од инвеститорите во земјава да овозможат почитување на работничките права онака како што тоа го прават во нивните земји.