Пејачката Ивона Јовановиќ, која е од Куманово, им се обрати и им упати порака на нејзините сограѓани. Во пораката вели дека не е време и место на социјалните мрежи луѓето меѓусебно да се караат, туку дека состојбата е сериозна поради што најважно е да седиме дома и да гледаме да се заштитиме и себе, но и луѓето околу нас. Таа статусот го објави на својот Фејсбук, а еве и што напиша.

– Оваа порака е до кумановци. Мене не ми се верува дека најдовте време и простор по социјалните мрежи да ја коментирате мерката донесена од страна на Владата. Како не ви е срам? Како не ви е страв? Мене ми е 15-ти ден во изолација. На почеток и јас бев во фазонот ова е само вирус, нема да ме закачи мене. Сè додека не седнав и сфатив дека ситуацијава е сериозна. Сакам да ги заштитам моите дома, па потоа и мене.

Јас излегувам само до продавница и тоа со страв гледајќи ги другите мајки, баби и пензионери пред банката. Не ми кажувајте дека имале потреба да излегуваат и дека биле испочитувани мерките за претпазливост. Мерката донесена во петокот е токму поради нив. Затоа што, луѓе мои, нас само со законска мерка можат да нè задржат дома.

Коментирате, малку време ви било, требале еден ден однапред да ви кажат, гладни ќе останете? Пред многу време, додека била војна не имале известување дека ќе почне истата. Војната сама почнува. Кој што има тоа јаде. Сигурна сум дека гладни нема да останете. Но, устата ви е отворена и тоа многу. Се срамам кој сè имам во листата на пријатели и сè што имам прочитано.

Драги мои, ова е биолошка војна. За неа нема најава. Молчете, седете дома и правете нешто корисно, а не сте нашле слободно време, па партиските и сите други фрустрации ги лечите преку социјални статуси и кoментари на прес-конференции. Кој дел од опасноста не ви е јасен?

Си го сакам Куманово. Мое си е. Ама од прости луѓе и коментари секој ден имам поголема желба да го напуштам.  И не е од државата и од кризата. Тоа е од конзервативна маса на која ништо не ѝ одговара – статусот на Ивона Јовановиќ.

Но, Ивона мислеше и на тоа како да не ни е здодевно дома. Па деновите објави и песна за да уживаме во музички звуци и да ги оттргнеме мислите од моменталната состојба. Песната го носи насловот „Тој ден“, а е дело на Силјан Пановски.

 

–  „Тој ден“ е љубовна балада за опростување како дел од процесот на заборав на личноста која порано ни значела сè, вели Ивона за ВЕЧЕР. (М.Анчевска)