Попладне во Скопје марш за чист воздух

131

Обединети граѓански активисти од Скопје, Битола, Тетово, Гостивар, Струмица, Ново Село, Струга, Охрид и други градови и населени места, застанаа зад организацијата на Марш за чист воздух – #ЗеленаРеволуција кој ќе се одржи денеска со почеток во 17 часот пред Министерството за животна средина и потоа пред Влада во 18 часот. Бараат исполнување на барањата кои се плод на долгогодишна граѓанска активност и иницијативи за подобрување и решавање на многубројните проблеми со загадување и уништување на просторот во кој живееме во нашата земја.

– Барањата се остварливи, конкретни со рокови и одбрани после темелна анализа, затоа очекуваме посветеност и сериозно внимание за секое од нив. Не прифаќаме одговори дека ЌЕ или се работи, дека е долготраен процес, најмалку дека треба да имаме разбирање зошто процесот е комплексен, тоа го знаеме – затоа и го разделивме на конкретни активности и барања во секоја област – велат активистите.

За нив несфатливо е одолговлекување на конкретни активности како носење на закони кои стојат готови и чекаат одлука, некои и по 5 години, како Законот за почва на пример.

– Несфатливо е кочење на одредени активности заради нефункционалност на една или две алки во системот, несфатливо е неспроведување на актуелни закони од една или друга институција или причина. Несфатлива е инертност кога се во прашање 3500 животи на ваши сограѓани секоја година и пораст на тешки канцерогени заболувања. Затоа бараме исполнување на сите точки за активниот граѓански сектор да не биде принуден револтот да го подигне на друго ниво и да премине во граѓанска непослушност и повик за бојкот на претстојните избори, затоа што е премината секоја граница на толеранција по долгогодишни институционални борби – велат активистите.

Маршот е граѓански, мирен, натпартиски, мултикултурен. Се оградуваат од секакви политички влијанија, секој е добредојден, но без партиски обележја.

– Оваа заедничка платформа е само почеток и е производ на сите облици на граѓански активизам од годините наназад, поединечен или организиран, сплотен со младешката енергија на оние за кое ова го бараме, за нашата иднина – велат активистите.