Попишувачи нема, се бараат и преку огласи на станбените згради

97

И вториот повик за ангажирање на реонски попишувачи и инструктори заврши, а потребната бројка за пребројување не е обезбедена. Статистика ќе го продолжи рокот за пријавување најмалку уште една недела за да го обезбеди потребниот број на кандидати. Конкурсот беше отворен на 20 јули и првично требаше да трае до 5 август, но беше продолжен до 12 август. Поради недоволниот број, пријавувањето ќе продолжи и во наредниот период, вели во изјава за весникот ВЕЧЕР директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

– Бројката на пријавени попишувачи не е задоволителна, апликацијата ќе стои отворена. Најмногу попишувачи фалат во скопските општини, во општините со албанско население – Гостивар, Тетово, Кичево… Малку пријавени има и во Охрид, Струмица и Ново Село. Сметаме дека тоа се должи на летните одмори и на тоа што луѓето по цел ден се по земјоделски работи. Ќе продолжиме со повиците и на локално ниво, поставуваме огласи и на станбените згради и се надеваме дека ќе дојдеме до потребната бројка, вели Симовски за весникот ВЕЧЕР.

Државниот завод за статистика ги повикува сите заинтересирани да се пријават на електронската апликација на следните линкови: www.stat.gov.mk  и https://popis2021.stat.gov.mk

Заинтересираните кандидати кои ќе достават електронска пријава, потребните документи ги доставуваат исклучиво во хартиена форма по пошта до Државниот завод за статистика, ул. „Даме Груев“ бр.4 во Скопје, п.фах 506, најдоцна до 16 август 2021 година или на денот на закажаното тестирање во просториите каде што ќе се спроведе тестирањето.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија ќе се одржи од 5 септември до 30 септември 2021 година.

Неполн месец пред одржувањето на пописот, нема конкретна бројка колку од пријавените попишувачи се имунизирани против корона и како стравот од ширење на болеста ќе влијае на тоа дали граѓаните ќе ги примат попишувачите во нивните домови. Од понеделник на сила стапуваат новите мерки и неизвесно е како истите ќе влијаат врз одржувањето на претстојниот попис. Премиерот Зоран Заев рече дека за сите овие процеси да се одржат непречено потребно е граѓаните да се вакцинираат и да ги почитуваат мерките. Посочи дека нема да има ограничување на движењето, а донесените мерки ги има во повеќе европски земји.

„Јасно е дека преку тоа испраќаме порака за вакцинација и дека ги поттикнуваме граѓаните да се вакцинираат затоа што тоа е единствениот лек кој постои и начин да се избориме со оваа пандемија. Зошто е тоа важно? Важно е децата на 1 септември да појдат на училиште, важно е да имаме успешен попис, важно е да завршат изборите како што треба“, рече Заев.

Во меѓувреме продолжува електронското самопопишување на државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство. Досега, според податоците објавени на веб-страницата на ДЗС, преку апликацијата за самопопишување се евидентирани вкупно 190.359 лица од дијаспората.

Самопопишувањето на македонските државјани во странство ќе трае до 30 септември, кога завршува пописот на населението, домаќинствата и становите.  (Ј.Ц.Г.)