EPA-EFE/KIYOSHI OTA

Кошаркарките на САД само потврдија дека се главен кандидат за светската шампионска круна, откако славеа против селекцијата на Србија со 88:55 во четвртфиналето на СП.

Американките од почеток до крај ја имаа резултатската контрола на мечот и на крајот сосема заслужено славеа против еден од претендентите за висок пласман.

За тоа дека САД е апсолутен фаворит за првото место, говори и изјавата на селекторката на Србија, Марина Маљковиќ, по елиминацијата на својата репрезентација.

  • Мораше баш со САД да паднеме во четвртфиналето, но тоа не го расипува целокупниот впечаток. Едноставно мораше да се случи. Како што вели поговорката, ако некој мора да те згази, тоа нека биде мерцедес, а не фиќо. Малку шега, ама така е, дефинитивно мораше да биде последен тест и школо. И пак во тој некој следен натпревар не знам дали ќе ја победиме Америка, но сигурно е дека ќе играме малку повеќе од ова, можеби две четвртини квалитетна игра. Сигурно следниот пат овој тим ќе може подобро против Американките, изјави Маљковиќ.

Во полуфиналето САД ќе ги одмери силите против Канада. Канаѓанките беа поуспешни од Порторико со 79:60. Другата полуфинална двојка ја сочинуваат Кина и Австралија.