Платформа за родова еднаквост: Резултати за „Јавна соба“ до 8 март или протести

78

Кривичен прогон на сите инволвирани во случаите со „Јавна соба“ и „прочистување“ на полицијата од службеници кои не постапуваат ефикасно по пријавите за родово базирано насилство, побараа вчера од Платформата за родова еднаквост и најавија нов марш за „будење“ на институциите.

Тие, вчера, пред Министерството за внатрешни работи уште еднаш ја обвинија полицијата дека потфрла во заштитата на жртвите и дадоа рок до 8 март да се покаже волја и резултати во борбата против сексуалното вознемирување и родовото базирано насилство. Најавија дека на 8 март повторно ќе одржат марш на кој ќе ги изнесат своите очекувања од Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство.

Очекуваат и кривичен прогон на сторителите од случајот „Јавна соба“ и за полнолетните жртви на случајот, а не само за делото „производство и дистрибуција на детска порнографија“.

– Очекуваме кривични пријави од МВР против сторителите од „Јавна соба“ за делата: злоупотреба на лични податоци, посредување во вршење проституција, загрозување на безбедноста или ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем во зависност од околностите на случајот. Очекуваме започнување на процес на прочистување на полицијата од полициски службеници сторители на насилство врз жени и нивно соодветно санкционирање. Очекуваме донесување фактичка и доследна примена на внатрешна политика за ефикасно санкционирање на сите полициски службеници, кои ги повредиле првата на жртвите на родово засновано насилство преку своето непрофесионално постапување или пропуштање да се преземат мерки, како и континуирана стручна едукација за постапување во случај на родово засновано насилство, нагласи вчера Бојана Јовановска од Платформа за родова еднаквост.

Дел од нивните очекувања се и иницирање на измени и дополнувања во Законот за полиција, како и правилникот за начинот на вршење на полициските работи со внесување на специјални одредби за постапување во случај на родово засновано насилство и нивно усогласување со Истанбулската конвенција. Очекуваат и преземање мерки за да започне со работа телото омбудсман плус и да се креираат услови за истото да прерасне во ефикасен, ефективен и независен механизам за граѓанска контрола на полицијата.

Во своето обраќање Јовановска се осврна и на работата на полицијата, упатувајќи порака до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека „во практика не гледаат никакво унапредување во однос на полицијата во ваквите случаи“.

За случајот со групите во кои се шират фотографии од малолетнички и лични податоци од жени и девојки, од неодамна двајца скопјани на возраст од 21 и 32 години се во притвор. Но, тие се осомничени за групата „Јавна соба“ што се појави во декември 2019 година. Случајот се уште е во предистражна постапка и засега нема обвинение. Обвинителството бараше притвор поради сомнение за кривично дело – производство и дистрибуција на детска порнографија, дело што се казнува и до 8 години затвор.

Притворот следуваше набрзо откако се појавија нови групи и нови жртви што се охрабрија да истапат во јавноста, а кои добија поддршка од стотици активисти и граѓани кои на протестен марш побараа казни за „демначите“

За втората група за која јавноста дозна годинава, МВР приведе четири лиц, чии телефони и лаптопи беа дадени на вештачење. Според извори од истрагата, кај дел од нив е најдена и детска порнографија.

Од МВР велат сите материјали се доставени во обвинителството.