ПИСМО ДО ПЕНДАРОВСКИ И КОВАЧЕВСКИ: Спроведување на одлуката за откажување на малихидроцентрали во НП „Маврово“  

66

Откажување на изградбата на хидроецентралите (Жировница 5 и 6 и Рибничка 7) во Националниот парк „Маврово“ и раскин ување на договорите за концесија согласно Одлуката на Комитетот на Бернската Конвенција, бараат група домашни и меѓународни граѓански организации.

Оттаму бараат спроведување на препораката за суспензија на предвидените хидроенергетски проекти и инфраструктура, на територија на Националниот парк Маврово  „сè додека не се подготви Стратегиска оцена за влијанието врз животната средина која посебен акцент ќе стави на кумулативните ефекти на сите планирани развојни активности на територија на паркот“.

Тие ова го наведуваат во отворено писмо до претседателот на државата, Стево Пендаровски и до премиерот , Димитар Ковачевски, како две институции кои се законски одговорни за извршувањето на меѓународните договори.

– Во декември 2022 година Комитетот донесе Одлука во која посочи дека е потребен побрз напредок во однос на Националниот парк „Маврово“ и побара од Владата откажување на останатите три концесии во НП Маврово (Жировница 5 и 6 и МХЕ Рибничка). Издадените концесии за малите хидроцентрали го кочат процесот на репрогласување на паркот уште од 2016 година – посочуваат од „Еко-свест“.