Песков одговори за третманот на уапсените за терористичкиот напад во Москва

113
EPA-EFE-SPUTNIK-KREMLIN-

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека е несоодветно да се коментира истрагата за терористичкиот напад во „Crocus City Hall“, вклучувајќи ги и наводите во западните медиуми дека Исламската држава (ИСИС) ја презеде одговорноста за масакрот.

„Истрагата се уште е во тек и засега не е објавена конкретна верзија. Претходните извештаи беа прелиминарни и досега не е објавена официјална верзија. Мора да почекаме официјални информации од нашите органи за спроведување на законот“, рече Песков на брифингот, запрашан да ги коментира наводите дека ИСИС ја презеде одговорноста, пренесува ТАСС.

Песков рече дека руските специјални служби работат независно на истрагата за терористичкиот напад во концертната сала „Крокус“ ​​и дека не станува збор за помош од други земји.

На прашањето дали западните земји, кои претходно предупредуваа за можни терористички напади во Москва, дале некаква информација во врска со терористичкиот напад и дали Русија сега има потреба од таква помош, Песков рече дека нема контакти со западните земји во врска со истрагата за „Крокус“.

„Нашите служби работат независно, сега не станува збор за каква било помош“, рече Песков, кој исто така изјави дека рускиот претседател Владимир Путин имал „многу телефонски разговори“ со странски лидери во последните денови, од кои сите изразиле „намера за подобрување и зајакнување на билатералната соработка“ во борбата против тероризмот.

„Нашиот свет денес покажува дека ниту еден град или земја не може да биде целосно имуна од заканата од тероризам“, рече Песков и нагласи дека „борбата против тероризмот е постојан процес кој бара целосна меѓународна соработка“, но дека оваа соработка , поради „периодот на конфронтација, не се реализира целосно“ и дека неа всушност ја нема.

На прашањето за добиените предупредувања за терористички напад, Песков рече дека на Кремљ „никогаш не му се обезбедуваат разузнавачки информации“ и дека предупредувањата за можни терористички напади, вклучително и оние од САД, доаѓаат „преку разузнавачки канали“.

Портпаролот на Кремљ додаде дека тоа „спаѓа во категоријата чувствителни информации, кои, се разбира, не се откриваат“.

Песков не сакаше да го коментира односот кон четворицата осомничени кои беа сослушани пред судот во Басман и им беше одредена мерка притвор до 22 мај, а фотографиите од судницата кои беа објавени во медиумите укажуваат дека имаат бројни повреди.

Запрашан за можна примена на смртна казна кога се во прашање сторителите на нападот, Песков рече дека во моментов за тоа не станува збор.

Според Песков, Путин „продолжува да ги добива сите извештаи од сите релевантни служби“.

Песков порача и дека граѓаните треба да бидат свесни за можните провокации и обиди за регрутирање луѓе за нови терористички напади на социјалните мрежи. Тоа, додаде Песков, многу зависи од медиумите.

„Не зборувам за каналите на Телеграм, особено оние безличните. Зборувам за оние медиуми од кои граѓаните добиваат сериозни информации во кои веруваат. Неопходно е да се информираат граѓаните за ваквите провокации“, рече Песков.

Путин, како што рече Песков, се уште не планира да го посети местото на трагедијата во „Крокус Сити холl“, каде според се уште нецелосни податоци загинале 137 лица, а 180 се повредени.