Перо Антиќ: Оставете ги кошаркарите на мира, удрете по нас

62

Раководството на Кошаркарската федерација на Македонија на чело со претседателот Перо Антиќ и селекторот Александар Тодоров (преку интернет видео врска) одржаа прес-конференција на која зборуваа за квалификациите за Евробаскетот во 2022 година, кои се одржаа во минатиот месец.

Нашата селекција не успеа се пласира на континенталниот собир, а во рамки на квалификацискиот циклус запишаа две победи.

  • Ние уште од кога дојдовме на чело на федерацијата имаме притисок. Продолжуваме понатаму како и да е, знаеме кои медиуми и зошто го прават тоа и нека им е на чест. После еден пораз фрлаа со дрва и камења, а веднаш потоа ставот да се смени и да „викаме браво“. Нека се удира по нас, оставете ги кошаркарите да играат на теренот. Сме биле играчи знаеме колку е важна поддршката од сите страни. Резултатите на крај остануваат на нив, на играчите и на селекторот, не можеме ние да влеземе на терен и да играме наместо нив. Ние како федерација ги овозможивме сите услови на репрезентацијата, направивме сè што е во рамки на нашите можности. Не размислувам за оставка, истакна Антиќ.

Селекторот Александар Тодоров накратко ги прокоментира квалификациите.

  • Чувствата се измешани, не успеавме да се пласираме на Европското првенство, но има и причина за задоволство. Посебно од аспект на доведување на нови лица во репрезентацијата, како и начинот на кој игравме на двата натпревари против Италија и оној против Естонија. Нема што да се прави, продолжуваме понатаму. Јас сум оптимист затоа што во иднина сите кошаркари кои сега имаат 17-18 години ќе бидат поискусни и верувам дека со помошта на поискусните играчи Македонија нема да има проблем да се пласира на наредното Европско првенство. Репрезентацијата горе-долу е таа, објасни Тодоров.

На крај, спортскиот директор Тодор Гечевски даде одгвор на прашањето околу договорот со селекторот Александар Тодоров.

  • Договорот на Александар Тодоров потенциравме уште кога одржавме прес за негово претставување како селектор дека е врзан со пласман на Европското првенство, на кое за жал не се пласиравме. Сепак, го чекаме извештајот од селекторот кој треба да стигне наскоро. Потоа ќе има состанок на раководството и заедно ќе одлучиме дали договорот ќе биде продолжен. И кај нас се поделени чувствата во врска со овие квалификации. Момците покажаа карактер и тимска игра. Бевме блиску и до победа против Русија, но најверојатно неискуството и невоиграноста пресудија за да резултат биде таков каков што беше и да не се пласираме. На нас останува да продолжиме да работиме со младите, да организираме семинари и за нашите тренери, па на претквалификациите за Светското првенство во август да се покажеме во подобро светло, вели Тодор Гечевски.