Првиот човек на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Перо Антиќ, отсекогаш ја вреднувал работата на организациите наменети за промоција на младите спортисти, а таков беше случајот и со спортскиот камп „Србија те зове“ (Србија те повикува). Тој даде јавна поддршка на кампот кој  работи и функционира под покровителство на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Инаку, овој камп има за цел да ги промовира талентите од разни спортови од Македонија.

  • Во посета ни беше директорот на спортскиот камп „СРБИЈА ТЕ ЗОВЕ“, Игор Маринковиќ. Го посетивме ЖФК „Речица“, како и мошне успешниот спортски работник Валентин Стоиловиќ, со чиј ангажман клубот бележи одлични резултати кои се забележани и од пошироката јавност, а оваа година ќе имаат и поддршка од српската Влада. Минатата година младите спортисти од овој клуб учествуваа заедно со своите врсници од регионот. Оваа година од Македонија ќе испратиме 45-50 млади талентирани спортисти од разни спортови, а ќе има место и за неколку млади тренери. Кампот ќе се одржи од 1.8 до 11.8.2024 година, а со младите спортистите ќе работат врвни тренери и спортисти од Србија, објави претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ, на социјалните мрежи.

Инаку, Антиќ, како еден од најдобрите спортисти на Македонија во историјата, и во минатото, знаел да даде поддршка на организациите од ваков тип, наменети за доброто на спортот. Тој неодамна беше во САД, НБА лигата, од каде што се пофали дека имал разговор со неколку кошаркари, меѓу кои и еден од најдобрите, Србинот Никола Јокиќ. Исто така имаше и интервју и со новинарот на Атланта, клуб во кој своевремено и играше, кој го претстави Антиќ како „доживотен бренд на тимот“.