Перез: Со отворањето на преговорите, ЕУ ги призна реформите на Албанија

42
Европратеничката и лидерка на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите во ЕП, Ираче Гарсија Перез, која е во посета на Тирана, изјави дека со отворањето на преговорите, ЕУ ги признала реформите на Албанија.
– Со отворањето на преговорите, ЕУ ги препозна и ги прифати реформите и амбициите на албанските власти, на албанските граѓани и испрати силен сигнал за поддршка за легитимирање на нивните аспирации, рече Перез која присуствуваше на состанокот на парламентарната група на владејачката Социјалистичка партија.
Додаде дека е тука во Албанија за да ја “поддржи СП за отворање на преговорите на Албанија”.
-Тука сум и да ви нагласам дека, освен многуте кризи со кои се соочуваме, руската агресија, војната во Украина, ефектите од пандемијата, Албанија и земјите од Западен Балкан во целина, остануваат клучен критериум во ЕП, рече Перез.
Таа подвлече дека „проширувањето е  најуспешното нешто во европските политики”.
-Значи, ова е стратешка инвестиција во стабилноста на европскиот континент, денес повеќе од кога било“. Процесот на проширување на Албанија е сигурен, предвидлив и фер. Ова е клучно достигнување за Албанија. Како модел за целиот регион и пошироко, ова е многу важно за ЕУ ​​и за европските граѓани на европскиот континент и на глобално ниво,  оцени таа.
Според неа извештајот за напредокот, кој беше објавен минатиот месец од ЕК, јасно вклучува два успеха, а тоа се Албанија и Северна Македонија.
– И двете земји се управувани од влади кои потекнуваат од нашето политичко семејство. Ова е доказ дека социјалдемократите, социјалдемократскиот пристап не само што функционира, туку покажува и достигнувања, нагласи  Перез.