Нашите политичари ги пакуваат куферите за летен одмор, кој според планот на повеќето министри и пратеници ќе биде во август. Пред локалните избори на есен, батерии ќе полнат на морските и езерските плажи, некој во земјава, а некој во странство, некоја на планина, а има и такви кои ќе останат дома

 

Нашите политичари ги пакуваат куферите за летен одмор, кој според планот на повеќето министри и пратеници ќе биде во август. Пред локалните избори на есен, батерии ќе полнат на морските и езерските плажи, некој во земјава, а некој во странство, некој на планина, а има и такви кои ќе останат дома.

Претседателот на државата Стево Пендаровски, минатата недела, на уреднички брифинг потврди дека ова лето одморот ќе го помине со семејството во државава, поточно дека една недела ќе биде во Охрид и ќе ужива на охридските плажи. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, за летна дестинација оваа година ја одбра Албанија. Пратениците се во август на одмор, а Џафери најверојатно ќе замине по 6 август откако ќе ги распише локалните избори кои ќе се одржат на 17 октомври.

Премиерот Зоран Заев сè уште размислува на која дестинација ќе се упати, но изборот ќе биде море и тоа Хрватска, Грција или Турција. Одлуката ќе ја донесе деновиве.

Од лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не успеавме да добиеме одговор. Потпретседателот на партијата Александар Николоски   останува верен на домашниот туризам и летово ќе биде во родниот  Охрид, но поголем дел од времето ќе се фокусира на предизборието.

Првиот лекар во државата, министерот Венко Филипче, размислува за одмор на море и тоа во соседна Грција, додека неговиот колега, министерот за надворешни работи Бујар Османи, најверојатно, одморот ќе го помине во Турција. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ќе остане во земјава и со оглед на фактот што е страстен планинар, повеќето од слободното време ќе го помине во пешачење во природа.