Средбата на бугарскиот претседател Румен Радев, со шефовите на безбедносните служби во земјата „за да се преземат соодветни мерки за адекватна заштита на правата на бугарските граѓани од дијаспората, кои се цел на напади“, е мешање во внатрешните работи на земјава, оцени македонскиот претседател Стево Пендаровски. Пендаровски порача дека е крајно невообичаено и надвор од внатрешните процедури на Алијансата претседател на една земја членка на НАТО да ги повикува своите служби за безбедност да реагираат за наводно кршење на правата на граѓани во друга земја членка на НАТО. Во писмена изјава за весникот ВЕЧЕР, од кабинетот на претседателот Пендаровски велат дека реакцијата на бугарскиот претседател е спротивна и на основниот принцип во меѓународната политика за немешање во внатрешните работи на друга држава. Оттаму додаваат дека ниту од домашните институции, ниту во извештаите од Брисел за Македонија, вклучително и во последниот, претседателот на државата нема добиено информација за кршење на човековите слободи и права на македонски граѓани само затоа што ја декларирале својата етничка припадност.

 -До овој момент, претседателот Пендаровски нема добиено ниту една информација од надлежните институции за кршење на човековите слободи и права на македонски граѓани само затоа што ја декларирале својата етничка припадност. Како држава кандидат за членство во ЕУ, ние сме со години под редовен мониторинг на Брисел, но, ниту во последниот годишен извештај за напредокот на Европската Унија не се регистрирани такви случаи, се вели во одговорот до весникот ВЕЧЕР од Кабинетот на претседателот Пендаровски.

Заев: Членки сме на НАТО и нема потреба од разузнавачки служби

Премиерот Зоран Заев, пак, испрати порака до Софија дека не треба да се испраќаат никакви разузнавачки служби, бидејќи двете земји се членки на НАТО, а правата на граѓаните се светост. Заев е дециден дека на никого во земјава не му се нарушени правата, ниту на граѓаните кои се декларираат како Бугари.

 -Иако во Уставот немаме етничка припадност Бугари, на пописот секој може да се определи, бидејќи прашањето ќе гласи на која етничка заедница ѝ припаѓате. Ние сме мултиетничка заедница, ги почитуваме правата на сите заедници во земјава, дури и на оние најмалите. Испраќам силна порака до соседна Бугарија да бидеме внимателни, затоа што секогаш сме знаеле да дадеме одговор на секоја нивна загриженост. Да не потпаѓаме под какви било провокации. Ние сме земји членки на НАТО, не ни треба испраќање на разузнавачки служба да ги утврдат правата на граѓаните. Правата на граѓаните се светост. Јас се надевам дека тоа било информативен состанок оти недозволиво е мешање на една држава во друга држава, тоа е предвидено и со Договорот за добрососедство, рече Заев.

Реакциите од македонскиот државен врв следуваат откако бугарскиот претседател Румен Радев одржа средба со шефовите на безбедносните служби со цел да ги заштити „правата на бугарските граѓани од дијаспората, кои се цел на напади“, соопштија од неговиот кабинет. Повод за средбата, според кабинетот на Радев, било писмото од Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола, но и сигнали од Бугари од Македонија „за зачестени појави на нарушувања на нивните права само поради тоа што се самоопределуваат како етнички Бугари“. Во соопштението не се прецизира какви мерки ќе бидат преземени.

Вчера и бугарската шефица на дипломатијата, Екатерина Захариева излезе со став дека во Македонија на Бугарите не им се признава правото на самоопределување.

 -Ние реагираме за секој случај и се радуваме на тоа што и колегите од Северна Македонија започнаа да реагираат затоа што на крај тоа се и нивни државјани, тие живеат таму. Над 100.000 граѓани имаат и бугарско државјанство и понекогаш се заплашувани. Недозволиво е во 21 век да не се признаваат права на самоопределување, рече Захариева во изјава за БНТ.

Захариева рече дека причината за недостиг на напредок на Скопје на патот кон ЕУ е вкоренета во неспроведувањето на Договорот од 2017 година.

-Ние сме многу доследни во тоа што го бараме од Северна Македонија. Некои луѓе таму беа многу изненадени што кажавме „не“ за преговарачка рамка. Позицијата на Бугарија е потврдена од Парламентот уште во 2019 – сметаме дека има забавено исполнување или недостиг на исполнување на задачите од македонска страна на Договорот за добрососедство, кој го потпишавме во 2017 година со Македонија. Претходно имаше раздвижување во сите сфери, но од почетокот на 2019 година од кога станаа членка на НАТО почна недоследно исполнување, рече Захариева.

Откако културниот центар „Иван Михајлов“ минатиот месец јавно го објави писмото до бугарскиот врв, во кое бара поедноставување на процедурата за добивање бугарско државјанство за Македонците кои на претстојниот попис ќе се изјаснат како Бугари и со фотокопија од формуларот ќе го докажат тоа, Радев ја повика бугарската влада да преземе мерки против дискриминацијата на етничките Бугари во Македонија и побара од бугарските институции да ги олеснат процедурите за добивање бугарско државјанство за, како што рече, нивните сонародници од Македонија.

Стефаноски: Ако му биле загрозени правата на бугарски и ЕУ граѓанин, ќе реагираа амбасадата и Делегацијата на ЕУ во Скопје

Военополитичкиот аналитичар и безбедносен експерт, Милан Стефаноски, во изјава за весникот ВЕЧЕР истакна дека оваа постапка на бугарскиот претседател непотребна провокација и обид за мешање во нашите внатрешни работи. Потенцира дека ако на било кој граѓанин на ЕУ би му била загрозена безбедноста или имал некоја репресија, безбедносна или политичка, канцеларијата на ЕУ во Скопје сигурно би реагирала.

-Средбата на врвот на безбедносната заедница на Бугарија со првиот човек на истата држава, а со цел дискусија за безбедноста на бугарските граѓани во РМ, без соодветен заклучок, пораки или докази е непотребна провокација и обид за мешање во нашите внатрешни работи. Станува збор за евтин политички фолклор кој може да имплицира сериозни последици по односите меѓу двете држави. За безбедносни импликации е ирелевантно да се дискутира, на ниво на НАТО службите си разменуваат соодветни информации. Ако на кој било граѓанин на ЕУ би му била загрозена безбедноста или имал некоја репресија (безбедносна или политичка), канцеларијата на ЕУ во Скопје сигурно би реагирала. Очекувам понатамошни провокации од ваков или сличен карактер, заради подобро позиционирање поради можно компромисно решение со Софија, и секако во контекст на изборен популизам, вели военополитичкиот аналитичар Стефаноски, во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Според него, очигледно е дека политичкиот вербален наратив од политичката елита во Софија ќе се засилува како ќе наближуваат изборите оваа пролет во Бугарија.

 -Евидентно беше стоењето на страна на претседателот Радев од овој контекст, но веројатно гледа дека на Каракачанов и на владејачката ГЕРБ им носи некој ситен политички поен, појаснува Стефаноски.

Безбедносниот експерт што го консултиравме вели дека зачудува и фактот што нема никаква реакција од бугарската амбасада во земјава, која е застапена со соодветна администрација и можела да реагира доколку навистина имало загрозување на човековите права на бугарски државјани.

-Постои и друг механизам, на пример дипломатска нота, вербална нота до МНР, повикување на амбасадор, писмена комуникација, итн., со цел изразување на т.н. револт ако навистина било кој бугарски граѓанин имал проблем заради своето идентитетско изразување во нашата држава. Бугарија има контрадикторна надворешна позиција во однос на нашата држава, еден ден сме пријатели, еден ден сме стратешки партнери, друг ден сме непријатели, итн., што сериозно говори за сериозноста на една држава, членка на ЕУ и НАТО, вели аналитичарот Милан Стефаноски во изјава за весникот ВЕЧЕР. (В.С.Н.)