Пендаровски – Норлен: Очекуваме засилена политичка поддршка од Шведска за евроинтеграцијата

30

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Стокхолм, во рамки на работната посета на Кралството Шведска, се сретна со спикерот на Парламентот на Шведска, Андреас Норлен, како и со дел од членовите на комисиите за надворешни работи, за европски прашања, претседателот на групата за пријателство на Парламентот на Шведска со Собранието на Македонија и со претседавачот и членови на Управувачката група на соработката за демократски развој со Македонија.

Соговорниците разговараа за процесот на проширување на ЕУ и за актуелните случувања во евроинтегративниот процес, соопштија од кабинетот на Пендаровски, како и за соработката меѓу двата парламента. Македонскиот претседател, изразувајќи благодарност за принципиелната поддршка на Шведска, истакна дека нашата држава ќе продолжи да работи на домашната реформска агенда. Истовремено, тој изрази очекување дека во престојниот период ќе се засилува политичката поддршка од Шведска. Во оваа насока претседателот Пендаровски потенцираше дека застојот во проширувањето на Европската Унија ќе се одрази врз стабилноста и ќе има долгорочни негативни последици врз развојот и просперитетот на регионот.

„На средбата соговорниците констатираа дека Македонија и Шведска негуваат исклучително динамични и пријателски односи, при што беа нагласени заложбите за натамошно интензивирање на политичкиот дијалог и соработката. Во таа насока, претседателот Пендаровски и спикерот на Парламентот Норлен ја истакнаа неодамна формираната Управна група за демократски развој помеѓу парламентите на двете држави, како важна додадена вредност на парламентарната и на билатералната соработка, се наведува во соопштението.