Патронен празник на лешочката манастирска црква „Свети Атанасиј“

30

Црквата „Свети Атанасиј“ во лешочкиот манастирски комплекс денес го одбележа празникот на патронот. Преносот на моштите на светиот Атанасиј Велики. Празнична Света литургија заедно со свештенослужители од Тетовската епархија, отслужи митрополитот г. Јосиф.

Голем број чуда се случиле врз моштите на свети Атанасиј Велики и
затоа црквата го памети овој ден, истакна владиката во својата
беседа.

– Празнувајќи го Преносот на моштите на светиот Атанасиј Велики, одлична пригода е да се потсетиме на неговите зборови. Во едно од многубројните негови слова, поучувајќи ги христијаните вели: „Најсилно оружје против ѓаволот е вистинскиот живот и вера во Бога.“ И навистина, нема поголемо оружје од верата и од нашата моралната чистота. Ние, христијаните, сме вистински христијани само доколку вистински ја живееме и доколку правилно ја практикуваме верата. Светиот Атанасиј Велики нека ни биде пример за тоа како треба да живееме вистински христијански православен живот – истакна
митрополитот.

Поголем број цркви во тетовско го имаат името на Свети Атанасиј
Велики.

– Денеска е еден од најрадосните денови во Тетово и тетовско. Голема е денешната радост за сите празникољупци, членови на црквите именувани по името на светиот Атанасиј, почнувајќи од овој манастирски храм, овде во Лешок, па и во црквите посветени на светителот во Фалише, Седларце, Ратае, Радиовце, Брвеница, Глоѓи и во други места, па сѐ до храмот на тетовското Балтепе и насекаде каде верните си споменуваат за Божјиот угодник Атанасиј, кој поради неговата силна и правилна вера, како и поради неговата цврстина и борба за чистота на богословието го добил епитетот столб на Православието – истакна владиката Јосиф.

Преносот на моштите на светиот Атанасиј Велики е познат како Свети
Атанасиј Летен, додека се празнува светецот и на зимскиот празник на
31 јануари.