Парното ќе поскапе за 14,18 проценти

58

Цената на парното во Скопје ќе скокне за 14,18 проценти, а новата цена ќе важи од 1 август.

Цената на топлинската енергија за потрошувачите приклучени на најголемата топлинска мрежа во Скопје се зголемува за 14,18 проценти, соопшти претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.

Како што додаде тој, цената за корисниците на железарското греење се зголемува за 15,58%, а за оние приклучени на мрежата на Скопје Север, за 16,31%.

Цената се зголемува поради драстичното поскапување на цената на гасот и намалените испораки на овој енергенс. За најголемата мрежа, ТЕ-ТО ќе снабдува со топлина 70 отсто од потребите, а 30 проценти ќе ги задоволат топланите.

Доколу ТЕ-ТО не работи, поскапувањето на парното ќе биде над 100 проценти, рече претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.

Тој потенцираше дека од почетокот на годинава цената на парното е зголемена за 28,18 проценти и тоа се должи на субвенциите што ги даде Владата. Доколу беше спротивното, поскапувањето на парното, од почетокот на годината ќе изнесуваше 51 процент.

Бислимоски упати апел да се штеди, што би значело ако температурата е намалена за 1 процент, тоа овозмжува заштеда на 5 проценти гориво.

Во Скопје околу 60.000 домаќинства се затоплуваат со парно греење, а од нив околу 55.000 се на мрежата на БЕГ.