Паркинзите во Центар се чистат од стари хаварисани и напуштени возила и приколки

228

Акцијата  „Да го исчистиме Центар од хаварисани возила“, која ја спроведува јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“, ќе трае континуирано, со цел да се отстрани грдата слика во центарот на градот што ја создаваат речиси распаднатите возила, но и директната опасност од нив за жителите и за околината. Досега, во рамките на акцијата која започна неделава, се отстранети четири возила, кои се предадени на лиценцирани отпади за натамошен третман како старо железо

Продолжуваат да се ослободуваат зафатените паркинг-места од стари хаварисани и напуштени возила и приколки во Центар, во рамките на акцијата „Да го исчистиме Центар од хаварисани возила“, која ја спроведува јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“.

Оваа акција, како што истакнаа од претпријатието, ќе трае континуирано, со цел да се отстрани грдата слика во центарот на градот што ја создаваат речиси распаднатите возила, но и директната опасност од нив за жителите и за околината.

– Отворена е и нова телефонска линија 076 350 767 преку која сопствениците на хаварисани возила може да стапат во контакт со нас, со цел да се процесуира натамошното преземање на овие автомобили – потенцираат од ЈП ПОЦ.

Досега, во рамките на акцијата која започна неделава, се отстранети  четири возила, кои се предадени на лиценцирани отпади за натамошен третман како старо железо.

– Добиваме пријави и од други лица кои не се сопственици, за кои во тек е утврдување на сопственоста на возилото и од таа причина процедурата за ваквите пријави трае малку подолго – објаснуваат од претпријатието.

Постапката за подигање на хаварисаните возила, како што велат од ЈП ПОЦ, започнува по остварената комуникација со сопствениците на хаварисаните возила, по што се прецизира термин да се отстранат со нивни „пајак“.

– Сопствениците на хаварисани возила може да изберат која било од лиценцираните компании членки на Асоцијацијата за секундарни суровини и рециклатори при Стопанската комора на Македонија од територијата на Скопје, па возилото, со согласност од сопственикот, бесплатно се носи до одбраната лиценцирана компанија и се мери неговата тежина на атестирана вага за товарни возила, а потоа, согласно со неговата тежина, се и исплаќа надоместок кон сопственикот, согласно со актуелниот тарифник на компанијата – наведуваат од ЈП ПОЦ.

Притоа, додаваат дека сопственикот е присутен на самата процедура на вагање и на потпишување на потребната документација, со цел преземање на возилото на натамошен третман.

–Потоа возилото се сече на делови како секундарен материјал, со што продолжува во процесот на рециклажа – потенцираат од претпријатието.

За да може да се реализира сето ова, неодамна беше склучен меморандум за соработка помеѓу ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и Асоцијацијата за секундарни суровини и рециклатори при Стопанската комора на Македонија со кој се предвидува соработка со компаниите членки на асоцијацијата со цел отстранување и рециклирање на хаварисаните возила од јавните површини на територијата на Општина Центар, како и други иницијативи во областа на рециклирањето и на циркуларната економија.

Според добиените пријави од центарци, како што велат од ЈП ПОЦ, може да се утврди дека има хаварисани и напуштени возила во речиси секое маало на територијата на Општина Центар.

Од претпријатието апелираат до сите сопственици на хаварисани возила за разбирање и соработка во рамки на оваа акција, а сѐ со цел поубав и почист Центар.

(А.П.)