Сезоната во Формула 1 конечно стартуваше пред десетина дена, а продолжува наредниот викенд во Хунгароринг со густ календар и строги правила на заштита поради пандемијата на коронавирус.

Но, ова за Себастијан Фетел не е најголема грижа, бидејќи четирикратниот шампион во најбрзиот циркус на денешницата не знае што ќе прави понатаму со оглед на тоа дека Ферари нема да го продолжи договорот со него, кој му истекува на крајот од годината.

  • Веќе постигнав многу во Формула 1, а сега моја цел е да продолжам понатаму и да дадам сè од себе за што подобро возење во наредните трки, истакна Фетел за австриските медиуми.

Гигантот од Маранело одлучи да се насочи кон одличниот Моначанец, Шарл Леклер, а со тоа одби да ја продолжи соработката со Германецот, која започна во 2015 година. Во тоа време Фетел пристигна во италијанскиот тим како голем адут кој би можел да ја врати титулата од 2008 година во Ферари, но ништо од тоа не се случи.

Фетел не успеа да ја врати славата со која се стекна во Ред Бул, иако двапати беше близу. Неговата малку полоша форма, а се подобриот Луис Хамилтон, како и недостижниот Мерцедес, кумуваа на патеката пред крајот на сезоните, па Германецот остануваше со празни раце.

Пред него сега е одлука што понатаму и дали можеби е време за пензија, со оглед на тоа дека има 33 години, а можеби и главата повеќе не сака да ја става во торба бидејќи секоја трка во Формула 1 е се поопасна.

  • Доколку ме загрижуваа парите, одма ќе најдев тим за наредната сезона. Јасно е дека постигнав многу во минатото, но исто така ми е јасно дека имав среќа многу пати до сега, додаде Германецот.

Фетел во Ферари зимаше плата од околу 40 милиони евра, како и бонуси од спонзорства, поради што стана еден од најбогатите спортисти на планетата.

  • Парите некогаш ми беа важни, но тоа се промени. Сега, потребно ми е да се најде опција која би ми одговарала. Ако не ја најдам, искрено, можеби е време за пензија, заклучи пилотот на Ферари.