Македонија нема да го заборави годинешново 92. Свечено доделување на наградите Оскар заради извонредниот успех на „Медена земја“ – номинирана во две категории. Сепак, македонскиот документарец не доби Златна статуетка ниту за најдобар документарен филм, ниту за најдобар интернационален филм. Неколку моменти ќе ги означат Оскарите 2020 година, а тоа се неверојатниот успех на јужноамериканскиот филм „Паразит“ на Бон Џун-хо кој доби четири Оскари и стана прв странски филм победник во најзначајната оскаровска категорија – филм на годината, како и моќниот говор на актерот Хоакин Феникс

Македонската јавност ќе го памети 92. Свечено доделување на наградите Оскар на Американската филмска академија во Лос Анџелес по „Медена земја“ кој, за жал, не доби златна статуетка ниту за најдобар документарен филм ниту за најдобар интернационален филм, категории во кои беше номиниран за најпрестижната филмска награда. Сепак, ова не го намалува успехот кој документарецот во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска го постигна како македонски филм со две историски номинации за Оскар, како и на фестивалите ширум светот, а кој го започна токму во САД, на престижниот „Санденс“ каде доби три награди. Како што е познато, Оскарот во Македонија годинава се следеше со голема возбуда и очекување, а во МКЦ и организирано, бидејќи Македонија за првпат по 25 години повторно имаше свој филм номиниран за наградата Оскар, по филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски (1995). Интересот беше голем и заради тоа што „Медена земја“ беше прв македонски филм номиниран во две категории. Како што соопшти и Агенцијата за филм, големиот успех го потврди и со тоа што влезе во историјата на Американската филмска академија како прв документарец номиниран во две категории.

Оскарите 2020 ќе ги означат неколку моменти, а тоа се неверојатниот успех на јужноамериканскиот филм, канскиот победник „Паразит“ на Бон Џун-хо, кој доби четири многу значајни Оскари – за најдобар филм, за најдобар интернационален филм каде го победи „Медена земја“, за најдобро оригинално сценарио, како и за режија. Тој испиша историја откако стана прв филм награден со златната статуетка кој не е од англиско говорно подрачје во главната категорија – најдобар филм на годината. „Во училиште го изучував Мартин Скорсезе и не ни сонував дека ќе бидам номиниран заедно со овој режисер. Да дозволува Академијата, би ја исекол статуетката и би ја поделил со останатите режисери“, рече Бонг Џун-хо по добивањето на Оскарот за најдобар режисер во која се натпреваруваше со реномираните Скорсезе, Квентин Тарантино, Тод Филипс и Сем Мендес и ги победи. Бонг Џун-хо и црната комедија „Паразит“ се и први добитници во новонасловената категорија – интернационален филм, која претходно беше позната како странски филм од неанглиско говорно подрачје. На овие Оскари нема да се заборави и моќниот и инспиративен говор на актерот Хоакин Феникс кој се закити со златна статуетка за најдобра машка улога, потоа неуспехот на филмот „Ирецот“ на Мартин Скорсезе кој иако имаше десет номинации не освои ниту еден Оскар, како и двете номинации на актерката Скарлет Јохансон кои завршија без успех.

Во категоријата долгометражен документарен филм, во која „Медена земја“ се сметаше дека има најмногу шанси, победи „Американска фабрика“ чии продуценти се Мишел и Барак Обама, а кој зборува за кинеска компанија која работи во згаснатата фабрика на „Џенерал моторс“ и ги прикажува работниците Кинези и Американци кои преку соработката ги уриваат културолошките бариери. По добивањето на Оскарот, корежисерката на „Американска фабрика“ Џулија Рајхарт рече дека многу ги инспирирало тоа што биле номинирани заедно со филмови од Македонија, Бразил и Сирија.

Што се однесува до актерските награди, кои се најинтересни за публиката, сосема заслужено и очекувано наградата за најдобра машка улога ја доби Хоакин Феникс за веќе легендарната ролја на негативецот Џокер или Артур Флек, и ја победи силната конкуренција во состав Антонио Бандерас („Болка и слава“), Леонардо ди Каприо („Си било еднаш во Холивуд“), Адам Драјвер („Брачна приказна“) и Џонатан Прајз („Двајцата папи“). Феникс одржа говор за неправдата, моќта и доминацијата, за човекот, за природата. „Без разлика дали зборуваме за родова нееднаквост или расизам, или права на сексуалност, на припадност, на животните, зборуваме за борба против неправдата. Зборуваме за борбата против верувањето дека една нација, еден човек, една раса, еден пол, еден вид има право да доминира и да ги користи и контролира другите без да биде казнет. Мислам дека веќе не сме поврзани со природниот свет. Многумина од нас гледаат на светот од егоцентрична појдовна точка и мислиме дека сме центар на универзумот. Одиме во природниот свет и му ги ограбуваме ресурсите. Се плашиме од идејата за лична промена… Но најдобрите човечки суштества се креативни и иновативни и ние може да создаваме системи за промена кои имаат поволности за сите суштества со чувства и околината“, рече тој посочувајќи дека тој целиот живот бил себичен, суров и тежок за соработка, но е благодарен што му е дадена втора шанса. „Мислам дека тогаш сме најдобри – кога меѓусебно се поддржуваме. Не кога се откажуваме од некого поради грешките во минатото, туку кога си помагаме еден на друг да напредуваме“, додаде тој завршувајќи го говорот со реченица од неговиот прерано починат брат – Ривер Феникс која гласи: „Трчај кон спасот со љубов и ќе имаш мир“.

Оскарот за најдобра споредна машка улога, пак, го подигна познатиот актер Бред Пит („Си било еднаш во Холивуд“) кој во оваа категорија ги победи оскаровците Том Хенкс, Ентони Хопкинс, Ал Пачино и Џо Пеши. Филмската ѕвезда го посвети Оскарот на своите деца. Актерката Лора Дерн се закити со наградата за најдобра споредна женска улога за филмот „Брачна приказна“, а, пак, Рене Зелвегер ја доби својата втора Златна статуетка за остварената улога во „Џуди“ – филм за американската актерка и пејачка Џуди Гарланд (најдобра женска улога).

Иако воениот филм „1917“ фати добар залет пред Оскарите и можеби важеше за фаворит, тој зема три награди – за најдобар кинематографер (Роџер Дикинс), за визуелни ефекти и за микс на звук. „Џокер“ на Тод Филипс по најголемиот број, вкупно 11 номинации се закити со само два Оскара, на актерот Феникс и најдобра музика, а исто и „Си било еднаш во Холивуд“ на Тарантино – за Бред Пит и продукциски дизајн.

На годинешниве Оскари на сцената прошетаа многу филмски ѕвезди како презентери, и тоа: Џејн Фонда, Рами Малек, Кијану Ривс, Дајан Китон, Сигурни Вивер, Пенелопе Круз, Селма Хајек, Марк Рафало, Натали Портман, режисерите Стивен Спилберг, Спајк Ли, комичарите Крис Рок и Стив Мартин. Оскaр за најдобра песна доби Елтон Џон за „I’m Gonna Love Me Again“(Рокетмен), а Били Ајлиш го испеа познатиот хит на Битлси „Yesterday“ во чест на починатите филмаџии меѓу кои и актерот Кирк Даглас, кошаркарската легенда Коби Брајант и хрватскиот продуцент Бранко Лустиг.  (Н.И.Т.)