Падна митот дека Берово е воздушната бања на Балканот

3093

О2 Иницијатива направиле споредба на дневните вредности и месечниот просек за ПМ10 и ПМ2.5 за еден од најзагадените месеци, декември низ годиниве. Вредностите со под 70% од податоци не се земени предвид. Има големи дупки во податоците особено за одредени мерни места, но од она што го има може да се заклучи следново

📍 Дневните вредности за ПМ10 над 500, 600, 700, 800 μг/м3 во Скопје, кои беа резултат на индустријата во градот која работеше без филтри, ги нема после 2014. Вакви разлики покрај Скопје, забележани се единствено во Тетово, каде беа измерени и над 900 μг/м3 дневни концентрации за ПМ10 поради работењето на Југохром без филтри, кои ги нема од декември 2016 натаму, кога Југохром не работи.

📍 Во Скопје, дневни вредности над 400 μг/м3 не се регистрирани од 2018 година.

📍 Најголем број на денови во Скопје со воздух под 50 μг/м3 во последниве 5-6 години се измерени во субурбаната позадинска станица во Гази Баба.

📍  Но затоа пак, во однос на измерените вредности за ПМ2.5 воздухот во Центар (станицата се наоѓа на околу 15 метри од сообраќајница со голема фреквенција на сообраќај и на околу 20 метри одалеченост од мала крстосница) е подобар од Гази Баба.

❌ Мерењата во Карпош за 2021 за ПМ2.5 не можеме да ги земеме за валидни, зошто не соодветствуваат со мерењата за ПМ10 и нивниот сооднос во претходните години.

📍 Најголем број на денови со чист воздух во изминативе неколку години, ако го изземеме Лазарополе, измерени се во Битола 1, мерна станица на периферијата на Битола во близина на мали индустрии за производство на храна и пијалоци, на оддалеченост од 13 километри од РЕК Битола. Според ружата на ветрови, прашината од РЕК оди во друга насока. Потоа доаѓаат Штип (станицата се наоѓа на зградата на општината, близу фреквентен сообраќај) и Миладиновци (мало село во близина на рафинеријата ОКТА која не работи од 2013 година, а станицата е на 200 метри од автопат).

📍 Најмалку денови со чист воздух во декември измерени се во Кичево (станицата е во станбена област во близина на центар на градот, најблискиот пат е на 7 метри, а автопатот на 75 метри), Тетово (станицата е на само 5 метри од булевар со висока фреквентност на сообраќај) и Кавадарци (станицата е во близина на крстосница на два главни пата во периферијата на градот, со голема фреквенција на сообраќај и трактори).

📍 Во декември 2022 година, единствено во Струмица (станицата е во дворот на Општата болница) не е измерен ниту еден ден со ПМ10 под 40 μг/м3.

📍 Во однос на мерењата за ПМ2.5, воздухот е многу полош. Ниту Берово, ни Охрид, ни Гевгелија, кои важеа за градови со чист воздух, во 2022 година немаат добар воздух во однос на ПМ2.5, со Охрид само со 5 дена, Берово само еден, а Гевгелија ниту еден ден со ПМ2.5 под 20 μг/м3.

📍Најголем број на денови со чист воздух со ПМ2.5 под 20 μг/м3 во декември 2022 година, имаат Битола 1 – 8 дена, Миладиновци – 8 дена, Кочани – 7 дена, Велес – 6 дена.

📍 Без ниту еден ден под 20 μг/м3 за ПМ2.5 за 2022 се Кичево, Тетово, Гостивар, Прилеп, Струмица, Гевгелија.

Временските прилики продолжуваат да се главниот фактор кој влијае врз квалитетот на воздухот, микроклимата, каде некаде дува често ветер, а некаде во котлините има долги периоди на тишина.

Додека не се намалат изворите на загадување, нема да се подобри воздухот од ова што е сега.