Отпуштен диригентот на Минхенската филхармонија, Валери Гергиев

103

Валери Гергиев е отпуштен од позицијата главен диригент на Минхенската филхармонија. Отпуштањето на 68-годишниот руски диригент дојде откако тој не одговори на барањата на оркестарот да се огради од руската инвазија врз Украина.

„Гергиев, и покрај тоа што беше побарано да го стори тоа, не се огради од бруталната агресија што ја спроведува Путин против Украина и особено нашиот град партнер Киев“, рече градоначалникот на Минхен, Дитер Ритер. Ритер во петокот му поставил ултиматум на познатиот руски диригент, кој е на чело на Минхенската филхармонија од 2015 година, до понеделник да се огради од рускиот напад врз Украина, што Гергиев не го направил. „Очекував Гергиев да го преиспита и да го ревидира својот многу позитивен став кон претседателот Путин. Но, тој не го стори тоа“, рече Ритер.

Од кабинетот на градоначалникот објасниле и дека повеќе нема да има концерти под негово раководство, а и неговата агенција од Минхен го раскинала договорот со него.

И Париската филхармонија објави дека ги откажала концертите на Валери Гергиев „од солидарност со украинскиот народ“, а Миланската скала го повика маестро Гергиев кон крајот на минатата недела јавно да се заложи за „мирно решение“ на конфликтот, заканувајќи се дека ќе ја прекине соработката за следните два проекта во март. Валери Гергиев е еден од најбараните диригенти во светот.