Отворени денови за универзитетите да ги презентираат своите наставни програми во скопските средни училишта

721

Во два дена дваесетина факултети и универзитети ќе може да ја презентираат својата студиска програма, со цел, како што рече градоначалникот Петре Шилегов, идните студенти да го направат вистинскиот избор за студирање


Со поддршка на Град Скопје и годинава во средните училишта во главниот град ќе се одржат т.н. Отворени денови за универзитетите. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов најави дека во секое училиште во два дена, секој од универзитетите ќе може да ја презентира својата студиска програма.

– Поучени од минатогодишните позитивни искуства, оваа година ја подобруваме програмата и овозможуваме во секое училиште во текот на два дена секој од универзитетите од Македонија да ја презентира својата студиска програма. Во првиот ден ќе презентираат техничките факултети, а во вториот ден факултетите од областа на општествените науки. Наша цел и идеја е средношколците и идни студенти што е можно подобро и навремено да се запознаат со студиските програми на факултетите и универзитетите за да го направат вистинскиот избор за упис во претстојната студиска година – изјави Шилегов по посетата на гимназијата „Орце Николов“.

Тој истакна дека Град Скопје сериозно им посветува внимание на средношколците.

– Инвестираме и во инфраструктура на средните училишта и ќе правиме се што е во наша можност да ги подобриме условите на средношколците, како и навремено да ги информираме и да го направат нивниот вистински избор за студирање – рече скопскиот градоначалник.

Директорот на гимназијата „Орце Николов“, Митко Димовски информира дека веќе се најавиле дваесетина факултети и универзитети, распределени во четири-пет училници.

– Учениците ќе имаат можност да се запознаат со студиските програми и со начинот на аплицирање на факултетите – рече Димовски и додаде дека околу 290 средношколци од оваа гимназија ќе завршат годинава.

Во Скопје има 22.000 средношколци, а од нив околу 5.000 годинава ќе го завршат своето образование.