-Акцентот ќе биде ставен на активните дивоградби и објектите во активната зона на НП „Галичица“ и крајбрежјето, велат за весникот “Вечер“ надлежните од Општина Охрид. Оттаму додаваат дека веќе е формирана посебна работна група во Општината, која ќе ја координира акцијата за отстранување на дивоградбите во соработка со сите надлежни институции на централно ниво. Со работната група раководи градоначалникот Константин Георгиески

 

“Според динамичниот план паралелно ќе се рушат и дивоградбите кои се во тек и оние опфатени со регистарот на дивоизградени објекти во охридското подрачје. На почетокот ќе се отстрануваат објекти кај кои не постојат правни пречки. Акцентот ќе биде ставен на активните дивоградби и објектите во активната зона на НП „Галичица“ и крајбрежјето“, велат за весникот “Вечер“ надлежните од Општина Охрид. Оттаму посочуваат дека подготовките за започнување на акцијата за уривање на дивоизградени објекти на подрачјето на општината се во завршна фаза.

Инаку, регистарот на дивоградби беше изготвен според препораките од состанокот на Комитетот за заштита на светското културно и природно наследство на УНЕСКО. Токму дивоградбите беа и една од главните причини за опасноста Охрид да биде ставен на листата на загрозени добра, па дури и да го загуби статусот на заштитено светско културно наследство доколку до февруари 2020 не бидат отстранети.

Од Општината исто така додаваат дека акцијата за уривање ќе ги опфати сите физички или правни лица кои имаат добиено Решение за отстранување на бесправно изграден објект/градба и истите не постапиле во согласност со издадените решенија од страна на градежните инспектори при Инспекторатот на општина Охрид.

“Доколку не постапат по решенијата, отстранувањето на градбите ќе го изврши општината, а трошоците за отстранување ќе ги сносат лицата кои се задолжени во решенијата“, велат надлежните.

На нашето прашање кои фирми ќе вршат уривање и дали е оформен посебен тим кој ќе раководи со активностите, од Општината посочуваат: “Општина Охрид ја спроведе и ја заврши процедурата за јавната набавка и веќе и избрана фирма која ќе ги отстранува дивоградбите. Веќе е формирана посебна работна група во општината, која ќе ја координира акцијата за отстранување на дивоградбите во соработка со сите надлежни институции на централно ниво. Со работната група раководи градоначалникот Константин Георгиески“.

Од Општината исто така посочуваат и дека сите надлежни институции на локално и централно ниво се сериозно посветени на исполнување на препораките од Комитетот за заштита на светското културно и природно наследство на УНЕСКО и зачувување на статусот на Охрид како заштитено светско наследство.

“Само низ заедничка соработка може да се очекува успех на целокупниот процес. За поефикасна координација на акцијата за отстранување на дивоизградените објекти во текот на вчерашниот ден (недела) беше одржана средба на градоначалникот Константин Георгиески со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот без ресор Едмонд Адеми и нивните соработници“, додаваат надлежните. (Д.Т.)