ОН: Досега одобрено испловување на 12 брода со жито од украинските пристаништа

29

На 12 брода со жито досега им е дадена дозвола да испловат од украинските пристаништа, соопшти Фредерик Кени, привремениот координатор на Обединетите нации задолжен за спроведување на одредбите од Договорот за жито потпишан во Истанбул на 22 минатиот месец.

„Украинските бродови носат повеќе од 370 илјади метрички тони жито и други залихи храна“, рече Кени на брифингот за новинарите во Њујорк, во изјавата дадена преку видео-врска од Истанбул.

Тој појасни дека од почетокот на војната бродовите биле блокирани во три пристаништа опфатени со Црноморската иницијатива за извоз на жито од Украина, и тоа Одеса, Черноморск и Јужни.

„Сега приоритет е пристаништата во тие градови да бидат деблокирани, за да може бродовите да впловуваат и да преземат нови испораки. Дозвола за пловидба и вкотвување во нив имаат четири брода“, соопштено е на веб-страницата на ОН.

Кени оценува дека престои многу работа за Истанбулската иницијатива да даде вистински резултати за стабилизација на глобалниот пазар на храна.