Онлајн очај за поинакви градски политики

440

Јавноста деновиве е сведок на невкусни препукувања на социјалните мрежи меѓу граѓански активисти на платформата МојГрад и шефот на кабинетот на градоначалникот на Град Скопје, Никола Наумоски, откако трите најгласани предлози им беа одбиени од Советот со образложение дадено од некои од членовите дека градските власти веќе работеле на темите.

– Ако градот работел, зошто граѓаните не гледаат резултати и ги поднесуваат и гласаат предлозите – прашува Горјан Јовановски од платформата МојГрад.

Според него, вистинската цел зад овој начин на гласање е да се обесхрабрат граѓаните и да се поткопа идејата за директна демократија преку МојГрад. Вели дека нема да се откажат од гласот на граѓаните.

– Бидејќи како коалиција на еко и граѓански организации не се сложуваме со советот и нивното одбивање на овие предлози, многу брзо следува и нашиот следен чекор на темава. Времето за директна демократија е дојдено, без разлика дали тоа им одговара на одредени групи или не – вели Јовановски.

Трите предлози што беа одбиени од советниците се однесуваат на давање на субвенција за стерилизација/кастрација на домашен и/или маалски миленик, на подигнување на студентски град на местото на напуштената фабрика „Купрум“ во Ѓорче Петров, како и на тоа сите тротоари каде што има пешачки премини и пристапни улици, да бидат симнати на ниво на коловоз.

Шефот на кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов, вели дека граѓаните треба директно да им се обраќаат на службите на градот за своите иницијативи.

– Сме покажале дека имаме слух многупати кога предлозите се квалитетни и спроведливи. Со такви иницијативи се започнати зелените покриви, графити галериите, зелените скверови, кампањите за стрништа, за 193, за воведување на ред на Водно… – вели Наумоски.

Тој го коментира и зошто е одбиен третиот предлог за слеани рабници.

– Замисли да си претседател на куќен совет и си направил рампа за колички во твојот влез. Ти доаѓа активист на Левица и ти бара да направиш такви рампи и во другите влезови. Му кажуваш дека тоа не е твоја работа и да му се обратат на тамошниот куќен совет, а он се врти кон публиката и вика „ова е пораз за демократијата! – вели Наумоски.

Тој тврди дека предлогот за слеани рабници, поставен на платформата МојГрад и презентиран во медиумите, не е истиот што беше завчера предложен пред Советот на Градот.

– Знаејќи дека градот веќе четири години задолжително прави слеани рабници на секоја нова/реконструирана градска улица, предлогот е градот да издвои пари за да ги слее тротоарите на општинските улици. Наместо да го побараат тоа од општините да го следат градскиот пример, советничката од Левица ги собрала добрите намери на граѓаните и си направила гумно на кое ќе застане и ќе кукурика неколку дена – коментира Наумоски.

Јована Тозија-Велковска смета дека ваквите препукувања се невкусни и без разлика кој од која партија потекнува, за предлозите можело да се дискутира на темата, да се промени предлогот, делумно да се усвои…

– Дека се слејуваат рабниците на сите нови/новореконструирани улици знаеме. И тоа е супер. Но, има еден тон улици со неслеани рабови што не се и нема да се реконструираат. И градски и општински. Не може да чекаме до следната реконструкција за да се слеат. Не гледам причина зошто за овој горлив проблем не би можело да се иницира градско-општинска инцијатива за негово решавање. Ова не ги засега само инвалидите и велосипедистите, ги засега и родителите со мали бебиња, тазе родител си, претпоставувам дека досега ги имаш искусено тротоарите низ Скопје со количка – му се обраќа Тозија-Велковска на Наумоски.

Градоначалникот Шилегов вчера не сакаше да ги коментира одлуките на Советот и како што рече, може да каже за одлуките што ги носи како градоначалник.

– Со дел од тие организации што и не се обратија до Советот туку преку советник од Левица, ние како град соработуваме и ги исполнуваме стандардите кои јас мислам дека се неопходни и потребни за нормално живеење на скопјани. Ќе ви кажам пример, дека сите јавни простори што ги развиваме, како што е плочникот што го уредиме кон плоштадот, како и кејот што го работиме во моментов е прва реално изведена торакална патека за лицата со оштетен вид. На сите инфраструктури што ги реконструираме во минатото, работиме на тоа да пристапноста од јавниот простор во преминување на улицата да биде совршено  достапна за секој граѓанин и лицата кои се во инвалидски колички и со отежнато движење да можат безбедно да се симнат и да поминат. Жално е што за таквите луѓе во минатото воопшто не се размислувало, а ние не можеме во три години да ги поправиме сите аномалии, што е факт дека овој град ги има. Но, за мене е важно што како стандард да го примениме секогаш кога реконструираме или влегуваме во нова инфраструктура да внимаваме на таквите моменти и немаме забелешки за инсфраструктурата која нова ја изведовме. Градот е динамична материја и ние секогаш соработуваме со добар дел од тие асоцијации и во рамките на она што  ние го имаме како ингеренции, тие барања ги исполнуваме – рече Шилегов. 

(С.Бл.)