Од нелегалното онлајн обложување на странски сајтови државата годишно губи до 50 милиони евра

420

Од 40 до 50 милиони евра секоја година се одлеваат од државата кон странските онлајн обложувалници, иако Законот за игри на среќа на нашите граѓани им забранува обложување на странски сајтови. Казните за тоа се високи, достигнуваат неколку илјади евра, а досега никој не е казнет.

Ова е на штета на домашните обложувалници, кои поради корона-кризата за првпат годинава имаат можност легално да организираат онлајн обложување. Тие тврдат дека се безбедни, исплатата е сигурна, а од скоро за плаќање може да се користат и Виза и Мастер картичките.

– Министерството за финансии, повикувајќи се на член 19 од Законот за игри на среќа преку допис, веќе ги извести странските приредувачи на игри на среќа кои нелегално и без лиценца приредуваа онлајн обложување дека е забрането учество на граѓаните на Република Северна Македонија кај странски нелиценцирани приредувачи на игри на среќа. Доколку Управата за јавни приходи утврди прилив на парични средства од учество во игри на среќа кај странски нелиценцирани приредувачи на игри на среќа, тоа подлежи на високи парични казни за играчите, информираат од Асоцијацијата на спортски обложувалници – АСОМ.

Додаваат дека домашната индустрија на игри на среќа значително ги полни локалните и државниот буџет, а во 2018 година таа сума изнесува 253 милиони евра.

Васко Илијевски, претседател на АСОМ вели дека и покрај тоа што домашните обложувалници од април приредуваат онлајн обложување сè уште е голем бројот на лицата кои играат на странските сајтови. Во времето на вонредните мерки во државата поради корона-кризата обложувалниците беа затворени цели два месеца, а од април со уредба со законска сила добија можност да приредуваат онлајн обложување. Но, тоа можат да го прават до крајот на годинава, а новата Влада ќе треба да реши дали ќе го прекине или ќе го направи трајно со закон. Илијевски вели дека онлајн обложувањето треба да продолжи и дека за тоа ќе ги изнесат своите аргументи пред владата.

Тој информира дека сега онлајн обложувањето е во нагорен тренд, но недоволен, а се смета дека на подолг период ќе има поголем подем.

Инаку, од индустријата на игри на среќа директно или индиректно егзистираат 54 илјади лица.

(С.В.)