Одложено усвојувањето на резолуцијата за Сребреница, лобирањата за и против во ОН продолжуваат

57

Нацрт-текстот на документот е пратен на ревизија, а кога ќе се најде на гласање, ќе се знае во вторник. Србија во меѓувреме води кампања и лобира против резолуцијата, а како што рече претседателот Александар Вучиќ, во Њујорк, токму поради таа кампања САД, Германија и други земји го засилиле лобирањето за резолуцијата. Според него, со нејзиното усвојување на најлош начин би се прекршил Дејтонскиот договор. Вучиќ потенцира дека притисокот врз малите земји да гласаат за Резолуцијата за Сребреница станува сè позабележлив и посилен

На 2 мај во Обединетите нации нема да има гласање за резолуцијата за Сребреница како што беше најавено, зашто усвоениот нацрт-текст на документот е испратен на ревизија.

-Кога ќе се одржи седницата на Генералното собрание на ОН, на која треба да се гласа за резолуцијата, треба да се знае во вторник, информира амбасадорот на Босна и Херцеговина во ОН, Златко Лагумџија.

Во таквата одлука, како што истакнува тој, учествувала и мисијата на БиХ во ОН за да се даде време на оние на кои им е потребно.

Сега во седиштето на ОН во Њујорк се одржуваат неформални консултации за нацрт-резолуцијата со која 11 јули се прогласува за меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.

Србија во меѓувреме води кампања и лобира против резолуцијата, а како што рече претседателот Александар Вучиќ, во Њујорк, токму поради таа кампања САД, Германија и други земји го засилиле лобирањето за резолуцијата. Според него, со нејзиното усвојување на најлош начин би се прекршил Дејтонскиот договор. Вучиќ потенцира дека притисокот врз малите земји да гласаат за Резолуцијата за Сребреница станува сè позабележлив и посилен.

-По вчерашните средби со претставниците на земјите од африканските и јужноамериканските и карипските групи во ОН, денеска ги информирав земјите од азиско-пацифичката група за нашата борба за вистината, правото и правдата и за зачувување на слободата и гордиот дух на српскиот народ, предупредив на последиците и непоправливата штета што може да ја има усвојувањето на резолуцијата за Сребреница врз стабилноста и иднината на Западен Балкан, почитувањето на меѓународното јавно право, но и врз кредибилитетот на ОН како гарант на мирот и правниот поредок во светот, рече српскиот претседател.

Резолуцијата за Сребреница беше повод пред десетина дена претседателот на Република Српска, Милорад Додик, да најави дека ќе почнат активности за независност на тој ентитет. Вчера тој конкретно повика на, како што рече, „разговори на институционално ниво за одвојување“. Според него, тоа отвора нови перспективи за Република Српска.

-Има механизми за тоа. Потребно е да го официјализираме нашето мирно одвојување кое босанските муслимани го иницираа со своите еднострани потези и уривање на уставниот поредок. Би било најдобро за сите кои живеат во Босна и Херцеговина да почнеме дискусии за одвојување на институционално ниво, бидејќи мирното раздвојување е факт и треба да се направи сè за да се обезбеди стабилност и соработка на начин кој е можен, додаде Додик.

Тој е дециден дека Република Српска нема да ја прифати резолуцијата на ОН за Сребреница, бидејќи, како што вели, сè што е напишано во неа е лага.

-БиХ не може да живее врз основа на тоа дека едната нација во неа е оквалификувана како геноцидна, а другата победничка, рече Додик и изрази подготвеност да го посети Меморијалниот центар „Поточари“ во Сребреница и да положи цвеќе на заедничкиот споменик подигнат во спомен на масакрот на Бошњаците.

Во интервју за новинската агенција на Република Српска тој најави дека владата и целото раководство на овој ентитет ќе заседаваат во Сребреница кога во ОН ќе се гласа за резолуцијата.

Тој смета дека Резолуцијата за Сребреница, која е поддржана од околу 20 земји, меѓу кои САД, Обединетото Кралство и Германија сепак, нема да го добие потребното мнозинство на седницата на Генералното собрание на ОН.