Одбележани 10 години од смртта на претседателот Киро Глигоров

62

Со положување цвеќе на гробот на поранешниот претседател Киро Глигоров, денеска во Алејата на великаните на Градските гробишта Бутел во Скопје, беше одбележана десетгодишнината од смртта на првиот претседател од независноста на државата.

Цвеќе на гробот на Глигоров положија претседателот на државата Стево Пендаровски, владина и делегација на СДСМ.

-Киро Глигоров ќе остане запаметен како активен учесник во најважните процеси за политичко осамостојување на нашата држава. Со своите лидерски способности, умереност, мудрост и дипломатија даде исклучителен придонес за меѓународно признавање и етаблирање на земјата и го отвори патот за исполнување на стратешките цели, истакнаа во соопштение од Кабинетот на пендаровски.

Во владината делегација која положи цевеќе на гробот на претседателот Глигоров беа вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за здравство Венко Филипче и државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања Калинка Габер.
Делегација на СДСМ во состав Миле Зечевиќ, генерален секретар, Ана Данева Маркова членка на ИО на СДСМ и Марија Иванова, потпретседателка на СДММ, исто така оддаде почит и положи цвеќе на вечното почивалиште на Глигоров.
Денеска се навршуваат 10 години од смртта на првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров кој на 8 септември 1991 година, после успешниот референдум ја прогласи независноста на државата.Глигоров беше првиот македонски претседател кој се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите нации на 8 април 1993 кога Република Македонија стана 181 членка на ОН.
Глигоров е првиот претседател на независна Република Македонија. Тој почина на 1 јануари 2012 година во Скопје во својот дом на 94-годишна возраст.