Облачно време – од вечерва Македонија повторно под снег

85

Времето денеска ќе биде претежно облачно, попладне почнувајќи од западните делови со врнежи од дожд, а на планините од снег.

Според УХМР кон крајот на денот и во текот на ноќта кон вторник врнежите ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места.

Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, каде ќе се формира нова снежна покривка. Ќе дува умерен до засилен ветер од југозападен правец, особено во западните делови, кој кон крајот на денот ќе се промени во северозападен и ќе засилува вдолж Повардарието.

Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 5 до 12 степени.

Во Скопје облачно, попладне со врнежи од дожд, пообилни во доцните попладневни часови. Во текот на ноќта кон вторник во делови од Скопската Котлина врнежите ќе преминуваат во снег. Претпладне ќе дува слаб до умерен југозападен, а попладне и кон крај на денот засилен северозападен ветер.

Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне 10 степени.

Во вторник ќе дува силен северен ветер, температурата ќе се намали, а претежно во планинските подрачја ќе провејува слаб снег. Потоа во следните денови времето ќе биде стабилно со пораст на дневната температура.