“Нотите на Македонија 2021“ со фолк-елитата во градот под Пелистер – народот покажа дека си ја сака македонската песна

152

Издвоениот износ од 1.107.000 денари, односно 18 илјади евра, го оправда тоа што се случи на завчерашниот спектакуларен фолк-концерт насловен „Нотите на Македонија” во убавата Битола. Народот е гладен за својата домашна фолк-песна, по своите македонски фолк-ѕвезди, а настапија меѓу другите и: Благоја Грујовски, Марјан Коцев, Ирена Спасовска, Стојне Николова, Зуица Лазова, Ален Хасановиќ…

(Дуле Миќиќ)

Република Северна Македонија и во музичкиот дел или поточно кажано на фолк-начин, ама со исклучиво македонски пејачи веќе го прославува големиот јубилеј: 30 години од независноста. Дека оваа влада, оваа власт навистина мисли на својата естрада покажува и официјален податок за издвоениот износ од 1.107.000 денари, односно 18 илјади евра, за завчерашниот спектакуларен концертот насловен како „Нотите на Македонија”, кој успешно се одржа на ракометното игралиште во убавата Битола, а за кој се размислува да стане традиционален.                                      Инаку, за одбележувањето на независноста на државата, одвоени се доволно пари за продукции и друштва за сценско-културни дејства, за проекти кои содржат музички концерти, театарски претстави, предавања, туристички прошетки, едукативни работилници, поетски читања… со исклучиво учество на домашни изведувачи, уметници.
-Не е воопшто точно дека немаше публика, дека Македонците не си ја сакаат својата песна, дека имало некаков бојкот, вели една од организаторките, пејачката Ирена Спасовска за весникот ВЕЧЕР. Многу народ остана надвор од ракометното игралиште затоа што строго моравме да си ги почитуваме здравствените мерки за заштита од коронавирусот така што само 500-ина луѓе ја имаа таа среќа да се најдат на лице место пред самата бина.

„Ах, пусто Македонче, само да си плукало по своето. Срамота“!

Затоа и ме нервираат сите тие злонамерни пишувања по социјалните мрежи дека концертот не беше успешен. Ах, пусто Македонче, само да си плукало по своето. Срамота! Тие таквите како да не се дел од оваа татковина, како некој изрод. Треба ли да им раскажувам за тоа колку ни ги крадат македонските песни од соседството, колку плагијати прават од нашите песни? На тие кои очигледно не си ја сакаат сопствената музика, не си ги сакаат своите пејачи, на тие кои им се помили пејачите од соседството, а за кои да не бидам погрешно разбрана ќе кажам дека ниту јас ниту моите колеги колку немаме ама баш ништо против странците, грижливо би им препорачала, другпат да си ги скршат блокадите во мозокот. Нека дојдат на еден ваков настан, со што ќе престанат да ја шират омразата, за да нѐ поддржат нас македонските пејачи и македонската песна. Убедена сум дека тоа го заслуживме, објасни оваа успешна пејачка.

На самиот концерт настапија навистина популарните:Сузана Гавазова, Анета и групата “Молика“, Марјан Коцев, Стојне Николова, Благоја Грујовски, Ирена Спасовска, Дамјан Стојановски, Рамко Беслими, Ален Хасановиќ, Каан Мазхар и Зуица Лазова. Пејачите беа придружувани од професионалните музичари од групата „Молика“, додека сцената блескаше исто како и оние од соседството кога пее една Цеца или Карлеуша, со одлично осветлување и одличното озвучување.

Само требаше народот одлично да се забавува со звуците на своите најомилени македонски фолк-хитови. А и така беше. Народот навистина се забавуваше и си ги пееше своите омилени, домашни песни. Организатор „Мојсо-продукција“ и првиот човек од оваа продукција музичарот Бобан Мојсовски, за весникот ВЕЧЕР вели дека е малку зачуден што на некои, 18 илјади евра им боде очи.

– Тоа се и малку пари за да се покријат сите токовни трошоци кои ги имавме. Но не сакам да се препукуваме преку медиумите, секој има право на свое мислење. Единствено знам дека направивме одличен концерт кој ќе стане традиционален, така што и в година на крајот на летото пак да се собереме сите во градот под Пелистер и да ја запееме македонската песна, за која очигледно постои непресушна глад кај нашата публика.                                                                                                          Само треба се добро да се осмисли и организира, а еве ние го осмисливме проектот „Нотите на Македонија” и успеавме во тоа. Секако дека ќе има и такви кои од инает ќе го кажат спротивното, но и тоа е нивното демократско право…..