Нови седишта на трибината на стадионот „Билјанини извори“ 

105

Новата трибина на Градскиот стадион „Билјанини извори“ доби покривна конструкција и нови седишта. Изградбата на трибината започна пред околу 17 месеци и во моментот се изведуваат работни активности за уредување на внатрешни простории, кои се предвидени за вакви современи спортски објекти.

– Ова е заедничка инвестиција од еден милион евра на Општина Охрид и ФФМ. Ова е една голема придобивка за нашиот град, за развојот на спортот и обезбедување на посовремени условите за развој на спортски туризам. Во иднина е планирана изградба на уште една ваква трибина на стадионот „Билјанини извори“ – рече градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.

Тој потсети дека Општина Охрид постојано инвестира во развојот на спортот, за што потврда се 27,5-те милиони денари од општинскиот буџет предвидени за поддршка на спортските клубови и школи од градот.

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, најави дека новата трибина се очекува да биде ставена во употреба на 7 септември, кога е закажан фудбалски натпревар меѓу младинските репрезентации до 21 година на Република Македонија и на Република Србија.

Новата трибина на стадионот „Билјанини извори“ има капацитет од 1.480 седишта. Во нејзиниот централен дел се сместени ВИП-седишта, коментаторска кабина и простор за медиумски екипи. Согласно проектот, во внатрешноста се уредуваат соблекувални, тоалети и други потребни простории.

Со цел да се подобрат условите на градскиот стадион, деновиве се изведува реконструкција и санација на главниот терен за фудбал, а со помош на ФФМ деновиве беа поставени и нови стативи.