Во Дојран со засилено темпо се изведуваат работите за санација на оштетениот дел од крајбрежјето на Дојранското езеро каде на потегот од плажата ЕЛЕМ до „Стара Мрдаја“, се уредуваат нови плажи и разурнатиот дел од рекреативната патека.

Се работи на расчистување на теренот, чистење на езерото и рамнење и отворање на просторот за новите плажи кои треба да бидат готови за неколку дена.

На забелешката на граѓаните и присутните гости зошто се гради во време на туристичка сезона, градоначалникот Анго Ангов одговори дека темпото на работа го диктираат средствата.

– Општината ги немаше на располагање потребните средства за изведување на активностите. Веднаш штом пристигнаа почнаа работите на терен кои ќе завршат во договорениот термин и за време на Илинденскиот викенд, Дојран ќе биде побогат со нови плажи во должина од околу 350 метри крајбрежна линија – рече Ангов.

Реализацијата на проектот чини 5 милиони денари од кои 4,5 милиони денари обезбеди Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, а околу половина милион денари општина Дојран.